Група родители на ученици на ОУ „Кочо Рацин“ апелираат, но ниту управата на училиштето ниту градоначалникот на Општина Центар не се одзиваат на апелите
Родителите на учениците од основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје упатуваат јавен и последен апел до раководството на училиштето и до Општина Центар поради алармантните и небезбедни услови во кои децата треба да ја започнат новата училишна година. И покрај бројните обиди за комуникација, надлежните институции досега остануваат целосно глуви на барањата за итно решавање на проблемите кои директно ја загрозуваат безбедноста на најмладите.

Клучни проблеми со кои се соочуваат учениците:
Небезбедна и заглавена санација:
Пред точно три недели беше заграден дел од бетонската ограда со цел нејзина санација. Оградата со години стоеше накривена, пукната и со бетонски парчиња кои висеа, претставувајќи постојана опасност. Сепак, откако е поставена заштитната ограда, на терен не се изведуваат никакви градежни работи, а новата учебна година почнува за само неколку дена.
Загрозен пешачки сообраќај:
Самото заградување е изведено без соодветни стандарди и предупредувачки сообраќајни ознаки. Пешачкиот дел е целосно блокиран, поради што децата се принудени да се симнуваат директно на коловозот и да пешачат по улицата во најфреквентните периоди од денот, со сериозен ризик да бидат удрини од возило.
Хигиенски хаос и расфрлани контејнери:
Околу училишниот двор контејнерите се расфрлани и преполни. За време на одморите, децата се принудени да поминуваат покрај ѓубре од кое се шири неподнослива смрдеа, што претставува директна закана по нивното здравје и ризик од заразни болести.
Запуштен двор и обраснато зеленило:
Задниот дел од училиштето е целосно обраснат со дива вегетација. Неискастреното зеленило драстично ја намалува прегледноста, ја попречува проодноста и создава дополнителен ризик за движењето на децата.
Поради тоталната незаинтересираност и пасивност на дирекцијата на ОУ „Кочо Рацин“ и градоначалникот на Општина Центар, родителите нагласуваат дека ова е последно јавно предупредување пред да се случи несакан инцидент со повредени ученици.
Доколку надлежните веднаш не излезат на терен и не ги отстранат опасностите пред почетокот на наставата, родителите најавуваат дека од првиот училишен ден ќе започнат со целосен бојкот на наставата. Безбедноста и здравјето на децата се црвената линија преку која нема да се премине.






