Хамас: Нема договор со Израел доколку не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Газа

Хамас не може да се согласи на никаков договор, освен ако Израел јасно не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Појасот Газа, изјави влијателниот функционер на палестинската милитантна група Осама Хамдан.

Катар, кој заедно со САД и Египет посредува во преговорите меѓу Хамас и Израел, го повика Израел да соопшти јасен став, кој има поддршка од целата влада, за да се постигне договор.

– Не можеме да се согласиме на договор што не обезбедува и не гарантира траен прекин на огнот, целосно повлекување од Појасот Газа и, соодветно на тоа, довршување на навистина сериозен договор за размена на затвореници, рече Хамдан на прес-конференција, пренесува Радио Слободна Европа.

Предложениот договор од три фази, што го претстави американскиот претседател Џо Бајден во петокот, вклучува шестнеделен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од „сите населени области“ на Газа и ослободување на некои заложници, вклучително и постари и жени, во размена за ослободување на стотици палестински затвореници.

Според тој план, Хамас и Израел ќе преговараат за траен прекин на огнот, за кој Бајден рече дека ќе трае „додека Хамас ги исполнува своите обврски“.

– Израел сака само фаза кога ќе ги земе сите нивни заложници, а потоа ќе ја продолжи својата агресија и војна против нашиот народ, рече Хамдан

Back to top button
Close