Хамас се закани дека ќе ги „неутрализира“ заложниците доколку Израел започне спасувачка операција

Членовите на Хамас се заканија дека ќе ги „неутрализираат“ заложниците што ги држат во Појасот Газа, доколку Израел започне операција за нивно спасување, како онаа што беше спроведена во логорот Нусејрат, во јуни.

Во интерната изјава од 22 ноември, Хамас им наложи на оперативците да не размислуваат за последиците од непочитувањето на оваа наредба, нагласувајќи дека „Израел е одговорен за судбината на заложниците“, јавија британските медиуми.

Во соопштението не се наведува кога се очекува Израел да ја започне наводната операција.

Хамас претходно оваа недела објави дека за речиси 14 месеци колку што трае војната со Израел во Газа, убиени се 33 заложници, без да се прецизира нивната националност.

„Со продолжувањето на вашата луда војна, можете засекогаш да ги изгубите заложниците. Направете го тоа што мора да го направите пред да биде предоцна“, се наведува во соопштението на Хамас упатено до Израел.

Набргу по соопштението Хамас објави и видео во кое детално објаснува кога и како биле убиени заложниците, обвинувајќи го израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за нивната судбина.

Израел ја започна војната во Газа откако Хамас ги нападна заедниците во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи, според израелски извори, околу 1.200 луѓе, додека повеќе од 250 луѓе беа киднапирани.

Во израелската воена офанзива што следеше, загинаа повеќе од 44.400 Палестинци, а голем дел од населението во Газа е раселено, покажуваат податоците на палестинските власти.

Back to top button
Close