Харис и Трамп се обвинуваат меѓусебно дека немаат доволно моќ за да ја извршуваат претседателската функција
Демократската претседателска кандидатка на САД, Камала Харис, ја доведе во прашање физичката издржливост на нејзиниот републикански противник на изборите на 5 ноември, Доналд Трамп, додека и двајцата одржуваа предизборни настани во спорната држава Мичиген. Трамп одговорил со посочување на неговата енергија на кампањата.
Харис, која утре ќе наполни 60 години, им изјави на новинарите дека поранешниот претседател Трамп (78) ги прескокнува интервјуата затоа што е уморен и ја пропуштил шансата за втор мандат.
-Тоа треба да не загрижува. Ако не може да се справи со строгоста на кампањата, како ќе се справи со својата работа?, им рече таа на новинарите пред митингот во Гранд Рапидс, Мичиген.
Трамп ги отфрли тврдењата на Харис.
-Останав 48 дена без пауза. Воопшто не сум уморен. Јас сум всушност возбуден. Знаете зошто? Според анкетите водиме затоа што американскиот народ не ја сака, рече тој.
Трамп го посети неговиот изборен штаб во Хамтрамк, каде што беше пофален од првиот муслимански градоначалник на предградието на Детроит, Амер Галиб. Трамп бара поддршка од арапско-американците во Мичиген кои не се задоволни од демократите, потпретседателката Харис и претседателот Бајден поради американската поддршка за Израел во конфликтот во Газа.
-На крајот на денот го сакаме истото. Сакаме мир на Блискиот Исток. Ќе добиеме мир на Блискиот Исток. Тоа ќе се случи многу брзо. Тоа ќе се случи со вистинското раководство во Вашингтон, рече Трамп, без да даде детали.
Државата има околу 8,4 милиони гласачи и е клучна за овогодинешните избори. Харис и Трамп се во жестока битка за гласовите на арапските жители, постарите, синдикатите и работничката класа.
Во исто време, анкетите покажуваат исклучително мала разлика меѓу Харис или Трамп во Мичиген.