Хартиените змејови од детството и старите холандски куќи

Никој не им забранува на Македонците да се инспирираат од најдобрите европски трендови, во кои е остварена одлична симбиоза на традицијата и модерната иновација. За тоа не мора да се биде членка на ЕУ.

Колумнава оваа неделна ја пишувам во едно малечко туристичко место на брегот на Северното море во Холандија. Бескрајни полиња со божур, оградени со канали за наводнување, се простираат крај патот. Холандија е прекрасна симбиоза на традиционалното и модерното. По текот на старите канали крај автопатите, во еден миг здогледувате стари ветерни мелници, кои се чинат како да излегле од платната на фламанските сликари. Веќе во следниот  миг ве изненадуваат  десетината модерни ветерници за производсто на струја, наредени крај каналот како бели, вити џинови, високи  и до 200 метри. Старите  ветерни мелници  се споменци на културата, како што и архитектонскиот стил на старите холандски  куќи  со покриви од трска, го има и во обликот на  новите градби.

Такви се куќите и во  населбата во која престојуваме. Околу нив  има канали и езерца. Крај нив расте висока трска, од која се покриени  и куќите. Првото чувство што се разбуди во мене, беше тоа дека сум стигнала дома. Иако не сум на Југот, туку на Северо-Западот на Европа! Затоа што куќите совршено го отсликуваат вечниот симболот на дом. Уличките се пробиваат низ зеленилото како  кружни сокачиња, минуваат преку  малечки дрвени мостови врз каналите. Куќите со  бело-црвени кепенци  ме потсетија на  идилични места  од детството во Македонија. Во ливадите крај населбата, под последните златни зраци на сонцето пасеа овци. Глетката разбуди во душата  исконска радост, заштитеност, слика на топлина и дом. Јас сум од сојот на луѓето кои насекаде и постојано учат и со восхит откриваат  нешта кои можат да се пренесат  и во друга средина. Иако живеам во Германија веќе четири децении, сепак, веднаш се прашувам  може ли иста ваква населба да биде остварена на автентичен македонски начин и во Велес, крај Црна река, во близината на Стоби? Или во Крушево, во Дојран, на брегот на Пресапанското езеро? Архитектот кој ја проектирал пред 25 години оваа населба со 150 индивидуални  куќи  во ист стил, ги применил  типичните белези на старата холандска куќа.

Се прашувам, зошто Македонија уште не успеа да изгради модерна програма за туризам која би била во хармонија со македонското културно наследство? Зошто уште не се  изградени вакви  индивидуални куќи во населби среде многуте природни убавини во Македонија?  На пример, на падините крај Радика или крај Бабуна?

Луѓето во европските земји претпочитаат индивидуален туризам. Тие сакаат да изнајмат куќа, во која ќе живеат една или две недели, уживајќи во близината на морето во Холандија или  во природните убавини во Тоскана. Тие сакаат да бидат сами во таквите куќи. Тие сакаат да ја доживеат земјата во која престојуваат на  личен начин. Една или две недели тие така  се втопуваат во животниот ред во новата околина. И ќе посакаат да дојдат повторно! Резервацијата  се врши онлајн, цената се уплатува на банковна сметка, клучот  е депониран во сеф до влезот, што се отвора со код. Што значи, немате никаков  директен контакт со сопствениците на куќата. Се‘ може да биде толку едноставно, особено во пандемијата.

Холандија со многу вкус и чувство за мерка го поврзува убавото со полезното – земјоделството со  туризмот. Цела земја наликува на огромна градина, во која луѓето не само ја обработуваат земјата, ги негуваат полињата, туку дури и автопатите се во симбиоза со сточарството. Крај нив  насекаде во високата трева пасат стада овци, крави и коњи. Ништо не е пусто и запуштено, осамено и недопрено од човечка рака. Се‘ е култивирано, обработено, облагородено. Од парковите околу  туристичките места, кои незабележливо преминуваат во малечки шуми, до пределите крај морскиот брег, со бесконечните патеки за шетање. На плажите, на кои сега уште никој не се капе во морето, а само најхрабрите се сончаат, најомилениот спорт е летањето големи змејови. Тие на небото наликуваат на разнобојни огромни птици.

Windmühle traditionelle Windmühlen Holland Niederlande Gracht Kanal Tulpen

Во денешните модерни  летечки змејови од пластика го препознав истиот копнеж да се допре небото, што го знам од моето детство во Скопје. Некаде прочитав дека змејовите се изум на Кинезите уште пред 2000 години. Тие со нив  на боговите им ги пренесувале своите желби. Хартиените змејови кои ние ги правевме во основното училиште во социјалистичка  Југославија, не  беа пораки за боговите, туку израз на нашата детска  желба да го допреме небото. Да се допре небото со нешто толку кревко, како малечкиот триаголник од хартија за повиткување и долга опашка од тенки бели листови, кои некогаш  ги боевме всо  шарени боици, е еднакво на желбата да се оствари  фантазијата на архитектите, на уметниците, на градителите. На истиот начин, на кој ние, социјалистичките деца, ги правевме  сами нашите хартиени змејови, ги правел и мажот ми кога бил дете во Германија. Како што веројатно тоа го чинеле и децата во Холандија во педесеттите и шеесеттите години. Разликата  е во тоа што, кога тие станаа возрасни,  нивната  држава не се распадна ненадејно како кула од карти. Нивната културна традиција немаше прекин. Нивното законодавство не беше одеднаш предадено на самоволието на политичарите, на новите олигарси, преку ноќ збогатени со помош на криминалот и корупцијата.

Помислив на сите соништа за иднината на мојата генерација од студиите во седумдесеттите. Тие соништа веќе во осумдесеттите, по смртта на Тито,  беа станале покревки од  сите наши хартиени змејови од детството. Зашто немаа шанса да бидат остварени во цврста градба. Тоа што во сите постсоцијалистички земји беше оставено да пропаѓа, беше токму  културното наследство, културната традиција во сите области на животот. Кичот, невкусот и  помодарството  почнаа да доминираат во сите сфери на животот, но особено во јавната архитектура. За тоа најдобро сведочи проектот „Скопје 2014“. Која македонска традиција во архитектурата ја продолжува и надградува псевдокласицизмот  на  градбите среде Скопје? Може ли во нив да  почувствувате дека сте дошле „дома“, затоа што сте се нашле во заштитениот естетски простор на македонската куќа? Таа од Охрид и Крушево? Каде продолжувааат да живеат најубавите белези на македонската куќа.

Никој не им забранува на Македонците да се инспирираат од најдобрите европски модерни трендови, во кои е остварена одлична симбиоза на традицијата и модерната иновација, како во случајот на Холандија. За тоа не мора да се биде членка на ЕУ, туку треба секој во Македонија да почне да работи според  европските мерила за квалитет. Ние, постарите генерации, треба да им раскажеме на нашите деца, внуци и правнуци, дека ние си поставувавме цели за иднината кои беа европски, иако Југославија не беше членка на ЕУ. Треба да им раскажеме на нашите внуци дека и ние, како децата во Бон или во Рим во педесеттите,  самите ги правевме нашите хартиени змејови. И сонувавме да го освоиме небото!

Децата треба и денес да  прават самите хартиени змејови. Дури и кога има  готови пластични змејови од Кина. Бидејќи тие се најчесто грди, а и не ја брануваат фантазијата како хартиените змејови од детството. Како што  во холандската модерна куќа, изградена според старите урнеци, станувате свесни за заборавената убавина на старата македонска куќа.

Kица Колбе
извор: ДВ

Back to top button
Close