Hекои луѓе комарците ги касаат повеќе од другите – одговорот е во кожата

Според ново истражување, спроведено во Мајами, Флорида, САД, научниците дошле до заклучок дека комарците не ги избираат своите жртви случајно. Имено, природните супстанции што се наоѓаат на кожата на некои луѓе ги прават многу попривлечни за овие инсекти, што објаснува зошто некои луѓе имаат десетици каснувања кога се надвор, додека други речиси и да немаат ниеден белег.

Комарците не се само здодевни летни напасници – тие пренесуваат болести како што се маларија, денга и западнонилската треска, коишто секоја година одземаат повеќе од милион животи низ целиот свет. Затоа научниците се обидуваат да откријат: Што ги прави некои луѓе попривлечни за овие инсекти? Во експериментот учествувале 119 доброволци од Мајами, кои ги ставиле рацете во олфактометар – долга цевка на којашто на другиот крај од која биле пуштени три вида комарци: „Едес египти (Aedes aegypti, тигрестиот)“, „Едес албопиктус (Aedes albopictus)“ и „Кулекс квинквефасцијатус (Culex quinquefasciatus)“.

Од наведените, првиот вид – тигрестиот комарец ги пренесува денга-треската, вирусот Зика и жолтата треска. Азискиот тигрест комарец (Едес албопиктус), што исто така, е широко распространет на Балканот, е носител на неколку опасни вируси, додека третиот вид може да го пренесе вирусот на западнонилската треска.

Познато е дека комарците се привлечени од мирисот на човечката кожа, којшто се создава со дејството на бактериите врз природните секрети на телото. Оваа интеракција создава испарливи органски соединенија, но бидејќи има повеќе од илјада од нив на човечката кожа, научниците имаа тешкотии да утврдат кои од нив имаат најголемо влијание врз привлечноста.

Неурогенетичарот Метју де Џенаро и неговиот тим истакнуваат дека ова е прв научен труд што истовремено ја споредува привлечноста на човечките мириси со неколку различни видови комарци и нивниот микробиом на кожата.

Со испитување на микробиомите на кожата на учесниците, истражувачите идентификуваа дури 246 различни групи бактерии. Се издвоија три вида бактерии што, според научните претпоставки, служат како сигнал за комарците дека „посакуван домаќин“ е пред нив.

„Кај видовите ‘Едес египти’, ‘Едес албопиктус’ и ‘Кулекс квинквефасцијатус’, откривме три клучни бактерии што беа заеднички за испитаниците кои беа многу привлечни за комарците, додека тие беа отсутни кај помалку привлечните поединци“, се наведува во научниот напис.

Резултатите покажаа дека обичниот тигрест комарец покажал мало „претпочитање“ кон мажите, додека за другите два вида не е забележана разлика во однос на човековите полови. Научниците, исто така, откриле дека лицето кое е многу привлечно за еден вид комарец не мора нужно да биде привлечно и за другите видови. Иако беше забележана слаба меѓуповрзаност меѓу привлечноста на видовите обичниот тигрест и азискиот тигрест комарец, заклучокот е дека секој вид има свои преференции кога станува збор за избор на домаќин.

Иако се потребни повеќе истражувања за целосно да се разјасни врската меѓу мирисните соединенија, бактериите и привлечноста кај комарците, научниците веруваат дека овие откритија би можеле да доведат до развој на нова генерација средства за заштита, па дури и начини за менување на микробиомот на кожата коешто би ги направило луѓето помалку привлечни за комарците.

Back to top button
Close