Хезболах: Доколку Израел не се повлече целосно од Либан, тоа би било кршење на договорот
Либанската милитантна група Хезболах денеска соопшти дека доколку израелските сили не се повлечат целосно од Либан до недела, како што е предвидено во договорот за прекин на огнот, тоа би било „еклатантно“ кршење на договорот.
Милитантната група рече дека извештаите за плановите за продолжување на военото присуство на Израел во Либан надвор од крајниот рок се повик до политичкото раководство во Либан да изврши притисок врз земјите кои го спонзорираат прекинот на огнот за да се обезбеди негово спроведување, јави Ал Џезира.
Хезболах во соопштението нагласи дека либанската армија треба да може да се распореди на „секој сантиметар“ од Либан и оти жителите на областите кои моментално се под израелска окупација мора да можат брзо да се вратат во своите домови.
„Тајмс оф Израел“ претходно денеска јави дека Израел побарал од САД дополнителни 30 дена за да ги повлечат своите трупи од јужен Либан, неколку дена пред крајниот рок од 60 дена предвиден во договорот за прекин на огнот со Хезболах.
Според условите на договорот за прекин на огнот од 27 ноември, Израелските одбранбени сили (ИДФ) треба да ги предадат сите свои позиции во јужен Либан на либанските вооружени сили до 26 јануари.
Повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање, израелскиот весник „Хаарец“ пишува дека САД и Франција разговараат за бараното продолжување со израелските и либанските власти.
Изворот оценува дека Франција не гледа проблем да го одобри продолжувањето, се додека другите страни се согласат