Ховениер за ВОА: САД се најпрокосовска земја во светот, но тоа не значи владата може да прави сè што сака

Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер вели дека односите меѓу Косово и Соединетите Американски Држави, како негови главен сојузник, се соочуваат со несогласувања за политичките одлуки на актуелната влада на Косово и непочитување на советите на американската влада во однос на српската заедница на Косово.

Ховениер во интервју за Гласот на Америка (ВОА) вели дека разликите меѓу САД и Владата на премиерот Албин Курти немаат врска со правната страна на постапките, туку со нивниот дух и конкретните последици по српската заедница во Косово.

Американскиот дипломат, како што пренесува МИА, вели дека САД бараат од Владата на Косово да не дејствува еднострано, туку да соработува со Вашингтон и другите западни сојузници, затоа што, како што порача, Косово може да напредува единствено со поддршка од САД.

-Очекувавме Владата на Косово тесно да соработува со нас за да одговори на загриженоста на српските граѓани (кои живеат во Косово), бидејќи тие имаат право да ги имаат истите услови за живот, достоинството и безбедноста како и сите други граѓани на Косово и треба да го сториме тоа на начин кој ги почитува нив и ја унапредува заедничката визија за суверена, мултиетничка и демократска држава. Ова е целта кон која се обидуваме да работиме заедно и за ова бараме поголема соработка од владата, изјави Ховениер.

Според американскиот амбасадор, не е само Косово, како што се вели, „најпроамериканската земја во светот“, туку „и САД се најпрокосовска земја во светот“ и поддршката за Косово на Американците им е ДНК-то. Меѓутоа, порача тој, тоа не значи дека „една влада не може да прави сè што сака“.

-Мислам дека никогаш нема да дојде момент кога владата на САД и Американците нема да го поддржат народот и проектот на Косово. Тоа е дел од нашата ДНК. Се вели дека Косово е најпроамериканската земја во светот, но мислам дека и САД се и најпрокосовска земја во светот. Но, тоа не значи дека една влада може да прави сè што сака. Тоа не значи дека одредена влада може да носи политички одлуки за кои веруваме дека го поткопуваат она што заедно се обидуваме да го постигнеме, а тоа е интеграција во европските и евроатлантските структури, движење кон членство во ЕУ, членство во НАТО, членство во Советот на Европа, вели Ховениер.Тој додаде дека се чувствува комотно со она што САД го бараат од Косово, бидејќи тоа е за доброто на земјата.

-Владата мора да донесе некои тешки одлуки. Бараме од неа подобро да ја заврши работата покажувајќи чувствителност кон грижите на малцинските заедници. Бараме од неа да работи поефикасно со земјите и организациите кои ќе ѝ помогнат да ги постигне тие цели. Она што го бараме е помалку унилатерална акција и повеќе соработка, изјави Ховениер во интервјуто за ВОА.

Back to top button
Close