Хрватскиот вицепремиер пука со пиштол низ прозорецот од автомобил
Во јавноста во Хрватска протече видео снимка на која министерот за земјоделство и актуелен вицепремиер Јосип Дабро пука со девет истрели од пиштол ХС-2000 низ отворен прозорец додека се вози во приватен автомобил.
Според она што може да се види на видеото, Дабро се вози на совозачкото седиште во автомобилот и лежерно е облечен во шорцеви и маичка, што навестува дека видеото е снимено во текот на летото.
Во позадина се слуша народна музика. Се чини дека пукал во близина на населено место бидејќи низ прозорецот се гледаат уличните светилки, а во еден момент се гледа и куќа.
Преку прозорецот тој испука девет истрели од пиштолот. Потоа го става пиштолот во близина на совозачкото седиште каде што седи и вели: „Поздрав, брат Марио, добра ноќ“.
Инаку, вицепремиерот Дабро ја потврди автентичноста на снимката.
-Тоа е видео од пред неколку години, а јас пукав од пиштол со маневарски куршуми, тоа беше приватна прослава, можеби дури и раѓањето на синот на мојот брат, а видеото го испратив исклучиво на нашата пријателка Марија Радиќ и никому друг – изјави Дабро за „Јутарњи“ и додаде дека нема да поднесе оставка.