Иљас и Мурат го негираат Меџити: Остануваме дел од коалицијата „Европски фронт“, сè друго се шпекулации

Претседателот на Демократската партија на Турците и пратеник во новиот собраниски состав, Бејџан Иљас ги негира наводите на Изет Меџити дека три-четворица пратеници на „Европскиот фронт“ се подготвени да бидат дел од новото парламентарно мнозинство.

Лидерот на ДПТ, Бејџан Иљас со претседателот на ДУИ, Али Ахмети / Фото: Архива

Иљас во изјава за „360 степени“ вели дека ваквите изјави се само шпекулации за дневнополитички потреби и дека Демократската партија на Турците останува да биде дел од „Европскиот фронт“.

„Јас како пратеник и како претседател на Демократската партија на Турците можам да потврдам дека нема ништо точно од тоа што е кажано. Според раководството и органите на партијата ние остануваме дел од коалицијата ‘Европски фронт’ и продолжуваме со нашата заложба да докажеме дека ние како коалиција сме победници во нашиот дел и да го одбраниме нашиот легитимитет како победници. Ги отфрламе ваквите декларации кои се само шпекулации за дневнополитички придобивки“,ни изјави тој.

Дополнително тој рече дека „ние како Демократска партија на Турците сме единствената политичка партија која ги претставува Турците во Собранието на Република Северна Македонија“, без да даде дополнителен коментар.

Инаку, Изет Меџити, лидерот на Демократско движење, партијата која е дел од коалицијата „Вреди“ во изјава за албанската телевизија А2 Си ен ен не сакаше да открие кои се имињата на пратениците кои, според него, ќе станат дел од новото мнозинство, но рече дека во „Европскиот фронт“ има две турски партии, а турската заедница, како што додаде, нема потенцијал да остане четири години во опозиција.

„Европскиот фронт не се обедини на идеолошка основа, не ги споија програмата, туку се обединија за да опстанат и да бидат дел од Владата. Во моментот кога не се дел од Владата, мисијата пропаѓа и почнува распаѓањето на Европскиот фронт. Така што, вечерва можам да кажам дека веќе од тие 18 пратеници, три-четири пратеници со една нога се дел од новото мнозинство. Вечерва нема да ги кажам имињата, но таму има две турски партии, а турската заедница нема капацитет и потенцијал да остане 4 години во опозиција, тие се гледаат себеси во идната влада. Има и некои други пратеници кои се со Ахмети, кои немаат врска со коалицијата и кои во минатото предизвикувале жртви кај Албанците. Им пропадна мисијата“,вели Меџити за А2 Си-ен-ен.

Наводите на Меџити во изјава за ТВ 21 ги демантира и пратеникот Салих Мурат од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, која исто така е дел од „Европскиот фронт“.

Тој вели дека немало разговори за преминување во новото мнозинство и оти нема потреба од такво нешто, бидејќи тие се и остануваат дел од „Европскиот фронт“.

Ние сме дел од Европскиот фронт и остануваме во Европскиот фронт. Се друго е шпекулација. Вакви разговори никогаш немало и нема потреба да се прават. Ние сме победници во нашиот фронт и волјата мора да се почитува. ВЛЕН мора да одговори на нивните националистички изјави дека нивните гласови се чисти. Што значи ова, дека нашите не се чисти?“,вели Мурат за ТВ 21.

Салих Мурат од од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија Фото: Фејсбук-профил на Салих Мурат

Изјавата на Меџити доаѓа по вчерашната прес-конференција на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на која тој порача дека започнуваат битка за почитување на духот на Охридскиот договор.

„Драги пријатели, легитимитетот е столб на стабилноста, безбедноста, благосостојбата, еднаквоста. Затоа, ние заедно ја започнуваме битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимноста и обичајното право на застапување од страна на оние што го имаат легитимитетот на заедниците“,изјави Ахмети.

На прес-конференцијата зад лидерот на ДУИ стоеја лидерите на сите останати партии од коалицијата „Европски фронт“, односно присутни беа Зијадин Села (Алијанса за Албанците), Мендух Тачи (ДПА), Скендер Реџепи-Зејд (Народно движење), Салих Мурат (Движење на Турците на Македонија за правда и демократија), Бејџан Иљас (Демократска партија на Турците), Мунир Колашинац (Бошњачки демократски сојуз), Фатма Османовска (Унија на Ромите) и Аријанит Хоџа (Европска демократска партија).

Обраќањето на лидерот на ДУИ, пак, уследи по завчерашната конститутивна седница на Собранието, која беше првиот настан на кој се исцртаа контурите на новото владејачко мнозинство кое ќе го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ. На седницата за нов претседател на Собранието беше избран Африм Гаши од „Вреди“, а за време на дискусијата и на чинот на гласањето пратениците на ДУИ не беа присутни во пленарната сала на законодавниот дом

Back to top button
Close