И горниот дом на рускиот парламент гласаше за предлог-законот за мобилизација по електронски пат

Горниот дом на рускиот парламент денеска го одобри нацрт-законот кој ѝ овозможува на земјата да испраќа повици за мобилизација по електронски пат, со што ќе се олесни пријавувањето во армијата додека трае офанзивата во Украина.
Долниот дом на рускиот парламент вчера го одобри предлогот на тој закон, наведувајќи дека „со овие измени се предвидува дигитализација на системот за воени регистри“.
Останува рускиот претседател Владимир Путин да го прогласи законот, што се очекува да се случи наскоро.
Повиците за мобилизација досега се доставуваа лично на домашните адреси, а многу Руси не реагираа, се отселија или ја напуштија земјата.
Рускиот Парламент отсега посочува дека повикот за мобилизација ќе биде достапен по електронски пат, преку дигиталниот портал на руските јавни служби, каде што се регистрирани милиони Руси кои можат да бидат мобилизирани.
Рускиот закон предвидува затворски казни за оние кои нема да се приклучат на војската.
Според новиот закон, известувањата издадени од локалните воени служби ќе продолжат да се испраќаат по пошта, но ќе се сметаат за валидни од моментот кога ќе бидат објавени на државниот портал за е-услуги.
На примателите кои нема да се појават ќе им биде забрането да ја напуштат Русија, ќе им бидат суспендирани возачките дозволи и ќе им биде забрането да ги продаваат своите станови и друг имот.






