ИЈЗ: Водата да ви биде прв избор, избегнувајте слатки пијалаци и алкохол

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препораки за правилна хидратација за време на празниците. Се препорачува водата да биде прв избор, да се избегнуваат слатките пијалаци и алкохолот.

„За време на празниците, луѓето се опуштаат во исхраната и пиењето. Меѓутоа, ова „опуштање“, за жал, не е „ајде, само денес“, туку трае околу триесет дена. Оваа година, Институтот за јавно здравје се фокусира на препораки за правилна хидратација за време на празниците“, се наведува во соопштението, апелирајќи граѓаните да го преиспитаат нивниот пијалак.

Од ИЈЗ посочуваат дека слатките пијалаци „кријат кисела вистина“.

„Внесот на вакви пијалаци е една од главните причинители за зголемената преваленца на дебелина, дијабетес тип два, кардиоваскуларни болести, забен кариес и други здравствени проблеми. На пример, во Северна Македонија, податоците од Иницијативата за следење на дебелината кај децата, покажуваат дека внесот на засладени безалкохолни пијалаци повеќе од трипати неделно е застапен кај 45 отсто од момчињата и 37 проценти од девојчињата“, се истакнува во соопштението.

Се појаснува дека под засладени безалкохолни пијалаци спаѓаат газирани, овошни, спортски, енергетски пијалаци, ладни чаеви и вода со вкусови – ароми. Исто така, кафињата со вкус, чоколадното млеко, пијалаците каде се додава шеќер – бел или кафеав, млеко во прав, шлаг и слично, спаѓаат во оваа категорија.

„Како да избегнеме засладени пијалаци? Не купувајте и не складирајте засладени пијалаци дома. Во кафулиња, ресторани и слично, не нарачувајте безалкохолни пијалаци и избегнувајте шлагови, преливи, сокови со растворување, сирупи и така натаму. Редовно носете со себе вода во стаклено шише“, советуваат од ИЈЗ.

Оттаму апелираат водата да биде сечиј прв избор.

„Консумирајте млеко, јогурт, кефир и слично. Ако ви недостасуваат газирани пијалаци, изберете газирана минерална вода без вкус – арома. Чај или домашно цеден сок без додаден шеќер. Имајте предвид дека, ништо од горенаведените пијалаци не се целосна замена за водата, туку може да заменат една порција“, појаснуваат од Институтот

 

Back to top button
Close