И Здравје и Работа: Време е институциите за „Иловица – Штука“ да одлучуваат врз основа на факти, а не на притисоци

Соопштение на ИЗИР

Судбината на проектот „Иловица-Штука“ предолго останува заглавена во статус кво состојба, додека Македонија губи време, инвестиции и можности за економски развој. Ние, локалните жители обединети во Граѓанската иницијатива „И Здравје и Работа“ сметаме дека е време институциите конечно да го завршат процесот и да донесат одлуки врз основа на законите, науката и стручните анализи.

Доколку проектот „Иловица-Штука“ ги исполнува законските услови, еколошките стандарди и критериумите пропишани од институциите, тогаш одлуката треба да биде донесена врз основа на тие факти, а не врз основа на притисоци, дезинформации или политички калкулации.

Истовремено, ги повикуваме надлежните институции да ги завршат сите судски и административни постапки без дополнителни одложувања. Инвеститорите, локалното население и целата македонска јавност заслужуваат правна сигурност и јасен институционален став.

Посебно сакаме да нагласиме дека најнадлежните институции за ова прашање – Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини – имаат не само законска обврска, туку и јавна поддршка да донесат одлука која ќе биде во интерес на државата и граѓаните. Загрижува фактот што во изминатиот период дури и носителите на највисоките функции во овој сектор, вклучително и министерката за енергетика, беа изложени на јавни притисоци и закани се со цел да се спречи развојот на рударството.

Во едно демократско општество, одлуките не смеат да се носат под притисок на најгласните групи, туку врз основа на законите, научните анализи, стручните мислења и стратешките интереси на државата. Токму затоа веруваме дека Владата и Министерството треба да постапуваат согласно националните стратегии за развој на минералните суровини, Законот за минерални суровини и определбата на Македонија за усогласување со европските политики и стандарди.

Веруваме дека е можно да постојат и здравје и работа. Веруваме дека е можно да се заштити животната средина и истовремено да се создаваат нови работни места, подобра инфраструктура и економски раст. Но, за тоа се потребни институции кои ќе имаат храброст да одлучуваат, а не да молчат.

Македонија повеќе не смее да си дозволи да стои во место додека другите земји од регионот и Европа чекорат напред. Време е за одлуки. Време е за напредок.

 

 

Back to top button
Close