Идентитетот и водата за пиење
Денко Малески
На разделбата на аеродромот во Будимпешта каде што, со група студенти од Македонија, долетавме со мал авион по посетата на Кишињев, Молдавија, Пал Тамаш, унгарски професор и умен човек, ми вели дека брза на многу важен состанок кој го организира Унгарската академија на науките.
Беше тоа во 2004, годината кога Унгарија, заедно со уште девет земји на Источна Европа, стана членки на ЕУ. Многу важен состанок, прашувам љубопитно. Да, вели се работи за обнова на водоводниот и канализациониот систем на државата кој е дел од условите за прием во ЕУ. Не прашав дали е проектот финансиран од ЕУ но, „во златните времиња“ на Сојузот, тоа е многу веројатно. На овој разговор се присеќавам следејќи ги маките на гостиварци со загадената вода. И не само на гостиварци, како читам, туку на запустениот водоводен и канализациски ситем во многу места во државата. Не знам што стана со унгарската дебата, но никогаш потоа, во нашите домашни дебати, не слушнав дека водоводот и канализацијата се свропски услов кој се решава системски за целата држава. Па, каде тогаш го потрошивме времето? Каде ни отиде енергијата и скудните пари со кои располага нашата држава, зашто ние, за разлика од сите други држави на Источна Европа, сме можеле сами и ќе сме ја довеле државата во ред без ЕУ?

Одговорот го знаат сите: во национални теми, толку примамливи за партиски победи на избори, ете каде. Малку се државите кои немаат „национални теми“, па ние не сме некаков исклучок. Дека и Унгарија ги имаше и ги има ни беше подвлечено од прва рака во разговорот со нивниот претседател при посетата на претседателот Глигоров на Унгарија на почетојот од деведесеттите, како и во разговорите со мојот колега министер за надворешни работи, и самиот универзитетески професор. Темата за унгарските малцинства во соседните држави, после „неправедната“ територијална поделба на Австро-унгарското царство е актуелна и денес. Среде војната со Русија, Унгарија го покренаа прашањето за своето малцинство во Украина. А, сепак, Унгарците ја најдоа мерката помеѓу „националните“ и „материјалните“ прашања, давајќи им предност на решавањето на базичните потреби на своите граѓани, како што е водоводот и канализација преку членство во ЕУ. Можеа и поинаку: да се конфронтираат со ЕУ додека не се исправат историските неправди кон Унгарците. Како ние, кои заглавивме во нашата национална тема од првиот ден на независноста. Прво, четврт век, со Грците, а сега со Бугарите. И тоа не како обид една млада нација да си го дефинира своето место меѓу постарите и веќе етаблирани балкански нации, туку во докажување дека нашата македонска нација е најстара и нема никакви допрни точки со никого. Или можеби заглавивме токму заради таквиот став?
Во едно обраќање на Харвард во 1978, Александар Сожењицин, критикувајќи ја западната цивилизација која става акцент врз „материјалното“, вели: Материјалниот интерес прашува :„Што ќе добијам“, додека идентитетот прашува :„Кој сум јас?“, „Кому припаѓам“, „Што не смеам да предадам дури и ако ми се нуди корист?“. Натаму, тој заклучува дека луѓето се понекогаш спремни да жртвуваат пари, удобност па дури и безбедност за нешто што не е за продажба , како достоинството, слободата, јазикот, верата, татковината или историското. сеќавање. И во право е. Токму затоа треба многу внимателно со идентитетските теми. Зашто, се најде ли поединец или група спремна да ги експлоатира овие национални чувства, политички ќе надвладеат врз оние кои инсистираат на „материјалното“. Тоа ни се случи нам на последните избори кога актуелната власт на една од најсиромашните земји на Европа заигра на „националната карта“ и победи со огромно мнозинство. И како тоа да не беше доволно, сите идентитетски компромиси на претходните власти, направени во замена за безбедност и опстанок на државата, беа прогласени за предавнички. Со таквиот став сегашната власт си го блокира патот кој води кон разрешување на идентитетската тема со Бугарија, до крајот на својот мандат. Да нема никакво сомневање во ова. Зашто, сега, во така создадената атмосфера, никакво членство во ЕУ и никакви пари од Брисел, не и помагаат на огорчената македонска нација која „предолго била понижувана и гордо се исправа “. И „отровна вода“ ќе пиеме ама веќе „попуштање“ на идентитетски прашања нема! Како и на почетокот од југословенските војни кога ЕУ и понуди на СФРЈ асоцијативно членство и милијарди финансиска помош за мирно разрешување на кризата во мултинационалната држава. Како одговор, Милошевиќ порача дека Србите „ќе јадат и корења“, ако треба но нема да се откажат од идејата „сите Срби во една држава“. И народот се собра околу него во поддршка на српската кауза. Потоа, следеа и другите републички национализми со слични пораки. Од сите страни се огласија барабаните на војната во која се испоклаа десетици илјади луѓе. Зошто? Затоа што такви се луѓето, би рекол Солжењицин и би кренал раменици.






