ИКС: Перцепцијата на граѓаните за отчетноста и натаму ниска

Во Македонија нема државна институција која ужива висока доверба од граѓаните. Според истражувањето на Институтот за комуникациски студии (ИКС), довербата на граѓаните во институциите се движи од ниска кон умерена. Граѓаните главно се информираат преку телевизија и социјални медиуми, но повеќе од половина испитаници (55,6%) се сомневаат во сè што се објавува на медиумите. И покрај големиот сомнеж, повеќе од третина од испитаниците (36,6%) не го проверуваат издавачот/објавувачот на веста, а повеќе од половина никогаш не проверува дали веста има потпишан автор (43,2%). Граѓаните почесто проверуваат како други медиуми известуваат за веста (42,2%) и се советуваат со лица кои ги сметаат за познавачи на темата (43,9%). Иако две третини од учесниците во истражувањето (67,1%) изјавуваат дека можат да препознаат дезинформација, сепак високи 41% одговориле дека понекогаш споделиле вести кои подоцна се покажале неточни.

Според истражувањето, телевизијата (66,2%) и социјалните медиуми (57,3%) се главен извор на информации за граѓаните. Значително понизок процент се информираат преку онлајн агрегати на вести како Тајм.мк (19,7%) и веб-страници (20%). Нешто повеќе од десет отсто информациите ги добиваат од пријатели и познаници, додека весниците (6,4%) и радиото (5,8%) се извор на информации за најнизок процент од испитаниците.

 

 

Одбрана со најголема транспарентност

На денешната конференција „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, директорката на ИКС, Жанета Трајковска потенцираше дека изразено на скала од 1 до 10, Собранието, политичките партии и Јавното обвинителство имаат оценка од 2,5, 2,7 и 2.8 отсто, а судовите 2,4 отсто и тие имаат најниска доверба. Претседателот на државата ужива малку поголема доверба од 3,5 отсто, полицијата 3,8 отсто, локалната власт 3,7 отсто, а институција со највисока доверба е Армијата.

-Ако ги видиме резултатите на довербата кон информациите кои граѓаните ги добиваат, исто така перцепциите на граѓаните не се позитивни. Огромно мнозинство граѓани е скептично кон се што се објавува. Повеќе од половината воопшто не веруваат на која било објавена информација. 30 отсто претпоставуваат дека е веродостојна, а само 14 отсто за се што е објавено во медиумите сметаат дека е точно. Она што е позитивно во истражувањето е дека најголем дел од овие 14 отсто се млади од 18 до 24 години, рече Трајкоска.

Според Трајковска, разочарувачка е перцепцијата и за отчетноста на државните органи. Учесниците во истражувањето сметаат дека често има изговори на функционерите да се однесуваат несоодветно.

Како што рече, Собранието и Обвинителството добија ниски оценки. Само еден процент од анкетираните граѓани се согласуваат дека пратениците секогаш се грижат за граѓанските интереси и за граѓаните или дека обвиненијата на Јавното обвинителство добиваат разрешница.

-Овие бројки на перцепција и на недоверба се една ладна шлаканица за сите нас, додаде Трајкоска.

Речиси две третини од учесниците во истражувањето (65,4%) не сметаат дека Владата работи отворено и етички, а релативно висок процент (63,2%) не се согласуваат дека Владата ги почитува демократските институции на државата. Речиси половина (44,2%) од испитаниците сметаат дека Владата често има изговори за функционерите кои се однесуваат несоодветно.

Во поглед на Собранието, помалку од еден процент од сите учесници во истражувањето сметаат дека пратениците секогаш се грижат за граѓаните што ги претставуваат, а 2,9% дека пратениците секогаш носат закони и политики што се во јавен интерес. Спротивно, 58,4% од испитаниците сметаат дека пратениците никогаш не се грижат за граѓаните, а 50,2% дека никогаш не носат закони и политики што се во јавен интерес.

На прашањето дали сметаат дека Јавното обвинителство редовно започнува постапки по допрен глас, повеќе од две третини од граѓаните изразиле несогласување (72,5%), а речиси 40% воопшто не се согласуваат дека обвиненијата покренати од обвинителствата редовно добиваат судска разрешница. Дури 70% од испитаниците сметаат дека јавноста не е информирана за текот на судските постапки.

 

За Ковачевски отчетноста е во пораст

Премиерот Димитар Ковачевски на конференцијата посочи дека од 2016 година до денес е забележан раст на транспарентноста на Владата.

Од 2017 година наваму Владата е отворена и транспарентна и тоа го докажуваат годишните бројки. Бројките за Владата како институција според Центарот за граѓански комуникации кој го мери индексот на активна транспарентност велат дека во 2016 година имало 25 проценти транспарентност, која почнува да расте и во последните две години достигнува и задржува сто процентна транспарентност, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Министерството за одбрана, според индексот, има постигнато сто проценти транспарентност и тоа неколку години по ред, Министерството за финансии има 98, 1 процент, а Министерството за здравство има 91, 3 проценти транспарентност.

 

 

 

На граѓаните најголем проблем им е комуникацијата со институциите

Граѓаните не се задоволни од редовноста, достапноста, јасноста и разбирливоста на информациите од државните институции. Многу низок процент од испитаниците сметат дека јавните институции редовно споделуваат информации (3,2%), а информациите што ги споделуваат се достапни (3,7%), јасни (3,5%) и разбирливи (4,1%).

Прашани за актуелни настани во изминатиот период, висок процент од граѓаните одговориле дека државните институции малку или воопшто не споделуваат информации за уставните измени (64%), измените на Кривичниот законик (64,8%), договорот меѓу Владата и компанијата Бехтел-Енка за изградба на автопати (65,6%) и концесијата на рудници во Струмичко (60,3%).

Повеќе од две третини од испитаниците сметаат дека комуникацијата на државните институции е влошена во поглед на заснованоста врз факти (37%) или не е променета во споредба со последните години (42,5%).

Амбасадорот на Обединето Кралство во земјава Метју Лосон, на конференцијата рече дека Обединетото Кралство е целосно посветено да даде поддршка на Владата во врска со разрешување на корупцијата и поголема транспарентност.

-Во оваа држава, но и во многу други држави е потврдено дека коруцпијата е најголемиот проблем со кој се соочуваат граѓаните. Кога патувам низ државите она што го дознавам од владите таму е дека најголема грижа е како да се реши корупцијата бидејќи ја нарушува демократијата и транспарентноста, и ја намалува довербата во јавните институции. Затоа сме горди што работиме со сите институции во оваа држава во правосудниот и во граѓанскиот сектор преку нашите програми, рече Лосон.

Tелефонскатa анкета беше спроведенa од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ на репрезентативен примерок од 1000 учесници – граѓани на Република Северна Македонија на возраст над 18 години од сите региони од државата, во периодот од 20 октомври до 14 ноември 2023.

Истражувањето на јавното мислење е дел од проектот „Користи факти“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Back to top button
Close