Илјадници лица во Копенхаген им оддадоа почит на жртвите во пукотницата во трговскиот центар

Илјадници луѓе синоќа во Копенхаген им оддадоа почит на жртвите од пукотницата што викендов се случи во трговски центар во данската престолнина при што загинаа три, а беа ранети 27 лица.

„Болен човек отвори оган – и одеднаш ни беше одземено нашето ведро лето“, рече данската премиерка Мете Фредериксен на церемонијата на која присуствуваа данскиот престолонаследник Фредерик и неговиот син Кристијан.

„Три животи ни се одземени. Животите на еден човек и двајца млади луѓе. Неколку луѓе се ранети, нападот однесе многу жртви. Сурово, неправедно и бесмислено. Вечерва сите тагуваме“, додаде Фредериксен, повикувајќи на единство по трагедијата.

Нападот што се случи во неделата попладнето, предизвика големи емоции во Данска, на крајот на викендот што го обележаа трката „Тур де Франс“ и големото враќање на познатиот рок-фестивал Роскилде што беше откажуван поради епидемијата на Ковид19.

Три лица – двајца дански 17-годишници и еден 47-годишен човек – беа застрелани во напад во трговски центар во неделата. Тешко се ранети четири лица и тоа две Данки, 16-годишна Швеѓанка и 50-годишен Швеѓанец.

 

Осомничениот сторител, 22-годишен Данец, набргу по делото беше уапсен и ставен во истражен затвор во затворено психијатриско одделение.

Сите повредени по пукотницата во трговскиот центар се надвор од животна опасност, потврди вчера портпаролот на локалните власти во Копенхаген.

“Не е тешко да се замисли: Што ако тоа беше моето дете? Јас сум мајка на двајца тинејџери“, порача Софи Андерсен, градоначалничката на Копенхаген, во емотивниот говор што беше проследен со едноминутно молчење.

“Децата и младите не треба да умираат. Тие треба да бидат бесмртни“, додаде таа.

 

Back to top button
Close