Илон Маск негира дека е во романтична врска со италијанската премиерка Џорџа Мелони

Во центарот на вниманието на овогодишната манифестација „Глобал ситизен“, одржана во понеделникот во Њујорк, беа извршниот директор на „Тесла“ и сопственик на социјалната мрежа Икс, Илон Маск, и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Од овогодишната манифестација „Глобал ситизен“ во Њујорк, на која се присутни извршниот директор на „Тесла“ и сопственик на социјалната мрежа Икс, Илон Маск, и италијанската премиерка Џорџа Мелони / Фото: EPA-EFE/FILIPPO ATTILI/US PALAZZO CHIGI PRESS OFFICE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Веднаш по настанот, „Њујорк пост“ ја опиша нивната релација како „јавна љубовна врска“.

Доделувајќи и ја наградата на Атлантскиот совет, Маск ја претстави Мелони како личност што е поубава однатре отколку однадвор, а истовремено додаде дека таа е автентична, искрена и внимателна личност.

Мелони, пак, го нарече Маск скапоцен гениј.

Потоа, Мелони одржа говор во одбрана на западните вредности, на што Маск стана и аплаудираше.

Откако се појави фотографијата на која се гледа како Маск и Мелони седат еден до друг и разменуваат меѓусебни погледи, медиумите шпекулираа за нивна романтична врска.

Но, Маск во јавна објава ги демантираше ваквите наводи, посочувајќи дека на манифестација за доделување на наградите бил со мајка си.

„Таму бев со мајка ми. Немам романтична врска со премиерката Мелони“,рече тој.

Досега неколкупати Маск и Мелони имаа заеднички средби. Минатата година Мелони го прими Маск во својата резиденција во Рим, каде што, според странските медиуми, разговараа за падот на наталитетот, како и за потенцијалот на вештачката интелигенција.

Маск говореше и на манифестација организирана од партијата на Мелони.

Последните месеци Маск јавно го поддржува поранешниот американски претседател и републикански кандидат за претседател, Доналд Трамп, за претстојните избори во САД.

Вчера Мелони рече дека одлуката како Маск да ја претстави пред доделувањето на наградата е направена уште пред неколку ммесеци, како и дека тоа нема никаква врска со неговата поддршка за Трамп.

Back to top button
Close