Има ли разлика помеѓу руските, американските и македонските олигарси?

Од разбирливи причини, светската јавност во последниот месец е преокупирана со приказната за руските милијардери и нивната важност за режимот на Владимир Путин. Кругот на десетината олигарси – олигархијата е систем на владеење на малкумина со сите – околу рускиот претседател е импресивен по своето богатство, а се протега од Владимир Потањин, најбогатиот Русин проценет во март годинава дека „тежи“ околу 26 милијарди долари и се наоѓа на 51-то место на Индексот на Блумберг за најбогатите милијардери во светот, до десеттиот на таа листа, Сулејман Керимов, чие богатство е околу 12 милијарди долари и е на 162-то место кај Блумберг. Останатите осум најбогати руски милијардери (Микелсон, Мордашов, Лисин, Усманов, Мелниченко, Векселберг, Абрамович, Прокоров – по тој редослед) по својот имот се „распоредени“ меѓу овие двајца.

ЛЕТААТ, ПЛОВАТ, „СПОРТУВААТ“…

Сите тие, речиси без исклучок, својата моќ и пари ги темелат врз ексклузивните права за бизнисите со енергијата, ретките метали или во челичната индустрија, плус уште неколку монополи во еден-два други сектори. Ништо од тоа, по распадот на СССР, го немаат стекнато со генерациска напорна работа и чесен труд, ако се разбираме што сакам да кажам. Бројот на нивните приватни јахти по тонажа и должина (луксузот се подразбира) ги надминува флотите на многу поморски земји, а разновидните летала со кои располагаат би можеле да превезат милиони патници годишно, а не само нивните семејства и пријатели. Дворци, вили, деловни згради… Спортски клубови, егзотични хобија, автомобилски возни паркови… Да не губиме време во бесмисленоста на цените на тие имоти.

Се разбира, шпекулациите дека најбогатиот меѓу нив е, сепак, самиот Путин, е работа на најфриволната имагинација за која се раскажани многу приказни и легенди. Во денешната Русија, нормално, ништо од тоа не може да се докаже. А и зошто треба да се докажува…

Воведените разновидни западни санкции врз нив, пак, поаѓаат од теоријата дека, бидејќи во моментов овие (и не само тие) руски богаташи губат, буквално, милијарди долари за неполните четири недели откако се спроведуваат санкциите, ќе влијаат врз Путин да ја сопре освојувачката трагедија во Украина.

Најблаго речено, нема да го биде… Но, тоа не е поентата на овој текст.

 

ЗАПАДОТ Е “OPEN FOR BUSINESS”

Познатиот грчки левичар Јанис Варуфакис, поранешниот министер за финансии во владата на Ципрас, професор по економија на Атинскиот универзитет и влијателен европски интелектуалец, минатата недела објави своја анализа за тоа дека ако светот, со право („во време кога руските бомби ги уништуваат украинските градови“), е преокупиран со моќта на руските олигарси (кои, особено Британците, ги молеа да отворат какви сакаат сметки и бизниси, без потреба да го објаснуваат потеклото на своите пари, преку лондонските банки), тоа не значи дека московските милијардери битно се разликуваат по своето влијание, интереси и политички „врски“ од американските и сите други светски милијардери.

Впрочем, на Индексот на Блумберг, додека да стигнете до првиот рангиран руски милијардер Потањин, има десетици американски „могули“, а меѓу првите 10 дури 8 се Американци (седуммина од нив од областа на технолошката индустрија). Само најбогатиот човек во светот, Елон Маск (проценет во моментов на 256 милијарди долари), е многу побогат од вкупното богатство на сите руски милирајреди, плус онаа „сиротиња“ од којзнае колку стотици руски милионери.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close