Има ли Спасовски амбиции за иден лидер на СДСМ?

 

Гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски децидно истакна дека во овој момент фокусот на сите социјалдемократи мора да биде насочен кон враќање на единството, а не кон персонални кадровски решенија.

Запрашан дали се гледа себеси како иден предводник на партијата, Спасовски одговори дека таквите разговори во моментов се претерани и ненавремени бидејќи партијата веќе има легитимно раководство.

„Ниту е време да разговараме за претседател на СДСМ. Претседател на СДСМ имаме. Наша прва и основна одговорност – како на претседателот и раководството, така и на сите нас како членови – е да направиме сѐ за да зајакне партијата“, порача Спасовски.

Тој додаде дека закрепнувањето на СДСМ зависи од три клучни столба: зајакнување на партиското единство, подобрување на организациската поставеност на терен и креирање на квалитетни програмски вредности кои граѓаните повторно ќе ги препознаат како алтернатива.

Како најискусен политичар во актуелниот пратенички состав на СДСМ, Спасовски упати јасна порака до сопартијците дека внатрешните фракции и личните интереси мора да бидат минато доколку партијата сака да тргне напред.

„Јас постојано повторувам дека единството е најважната работа. Нема ништо поважно од единството за успехот на една политичка организација. А тоа единство во пракса значи да се даде можност и да се пружи рака на секого, притоа целосно да се заборават личните суети кои можеби сѐ уште ги има кај одредени поединци во партијата“, заклучи Спасовски.

Back to top button
Close