“Имам слободни места во возилото, можам да ве пренесам” Утрово граѓани се солидаризираат за да стигнат на работа или на училиште
Јавниот превоз и утрово е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП Скопје.
Скопјани гневни и револтирани, и утринава мора да се снаоѓаат како знаат и умеат за да стасаат до своите работни места, училишта и на други места каде што утринава треба да бидат. Застануваат на постојка со автомобил прашуваат кој е до Џамбо, до Бит Пазар или до Ѓорче, пренесе Независен.
-Со часови се чека, ова во ниту еден нормален град го нема. На крајот сите плаќаме такси и покрај тоа што уредно сум си платила слободна за да ја користам. Кој ќе ми ги врати парите што јас сега не можам да користам јавен превоз? прашува една скопјанка.
Во Скопје од вчера сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ вчера изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како што рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.
Најави дека е можно и денес воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во теков на денов не им се достави гориво. Посочи дека Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ од петок ќе одлучи какви натамошни постапки ќе преземе доколку не се среди состојбата во јавното градско претпријатие.
Од Град Скопје вчера попладне признаа дека нафта за јавното сообраќајно претпријатие нема, а за тоа виновен е премиерот Христијан Мицкоски кој, според нив креира кризи во јавните претпријатија.
Од Град Скопје одговорноста во врска со кризата што настана Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлаат на совтениците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите.
Опозициската СДСМ побара свикување вонредна седница за да се решат проблемите со превозот. Лидерот на партијата Венко Филипче преку соопштение предупреди дека состојбата во Скопје и оти градо е во криза. Иницирана е итна седница на Советот на Град Скопје за да се изнајдат конкретни мерки за излез од кризата.
– Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, ќе го преиспитаме нашето учество во Советот, бидејќи нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град, соопшти Филипче.
Претседателот на градскиот совет Трајко Славески синоќа објави дека е закажа седница на Советот за денеска во 18 часот