Индиции се едно, закани за дестабилизација друго, а реалноста е поинаква, рече Сиљановска-Давкова и повтори дека нема да го свика Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска повтори дека во моментов нема во план да го свика Советот за безбедност во врска со наводите за постоење индиции за дестабилизација на државата.

„Индиции се едно, а закани за дестабилизација се друго, но реалноста е поинаква. Реков дека нема да го свикам Советот зашто мислам дека во ова време-невреме кога треба да се справуваме со пожарите како стихија, ние се соочуваме и со други закани под наводници. Не гледам дека тие закани се реалност во моментов“,изјави Сиљановска-Давкова, одговорајќи на новинарски прашања во Охрид, каде што учествуваше на отворањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски, јазик, литература и култура при УКИМ.

Сепак, претседателката ја остави отворена можноста да свика седница на Советот за безбедност, но тоа, како што рече, може да се случи по неговото доекипирање. Темите на седницата, дополни Сиљановска-Давкова, ќе бидат она за што денес се расправа глобално и во Европа, а тоа е каде оди и што се случува во светот.

На 6 август годинава од претседателскиот кабинет за „360 степени“ информираа оти претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не планира да го свика Советот за безбедност по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ДУИ оваа есен може да преземе чекори за дестабилизација на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски пред десетина дена, според информации добиени од повеќе канали, раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ), како што рече, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, оваа есен ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата.

 

Back to top button
Close