Ѓинпинг замина од Москва: Односите меѓу Русија и Кина во „нова ера“ наспроти Западот

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг, по тридневната државна посета, утрово замина со авион од Москва. Неговата посета на Москва беше со цел зајакнување на врските со неговиот руски колега Владимир Путин, пренесуваат руските агенции.

Од московскиот аеродром „Внуково“ на испраќањето на Ѓинпинг присуствуваа високи руски претставници, а имаше и свеченост со свирење на руската и на кинеската национална химна, пренесуваат руските медиуми.

За време на посетата, Си Ѓинпинг и Путин го пофалија влегувањето на нивните посебни односи во „нова ера“ наспроти Западот.

Рускиот претседател претпазливо го поддржа кинескиот план за решавање на конфликтот во Украина додека го обвини Киев дека го отфрла.

Во отсуство на напредок во однос на Украина, целта на средбите беше, пред сè, да се демонстрираат силните односи меѓу Русија и Кина во време на зголемени тензии меѓу двете земји и Западот, пренесуваат светските агенции.

Во заедничката декларација, двајцата водачи го нападнаа Западот, ги обвинија САД дека ја „поткопуваат“ меѓународната безбедност за да ја зачуваат својата „воена предност“ и изразија загриженост поради зголеменото присуство на НАТО во Азија.

Путин: Кинескиот мировен план за Украина е добра основа за преговори, но тоа зависи од подготвеноста на Западот и Киев

Пристигнувањето на Си во Москва претставува важна поддршка за шефот на руската држава, против кого Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење минатата недела под обвинение за воени злосторства извршени во Украина.

Кинескиот претседател беше во Москва во време кога Русија во голема мера ја преориентира својата економија кон Кина, а Западот ѝ воведе санкции.

Путин може да смета на поддршката на Пекинг за да ја пробие изолацијата што му ја наметна Западот од почетокот на конфликтот во Украина, како што е илустрирано со поканата на Си да ја посети во Кина оваа година.

Back to top button
Close