Институтот за македонска литература ja објави книгата „Жени во македонскиот фолклор од XIX век“ од д-р Славчо Ковилоски

Неодамна, во издание на Институтот за македонска литература беше објавена книгата „Жени во македонскиот фолклор од XIX век“ од д-р Славчо Ковилоски. Изданието претставува продолжение на претходните книги „Жени во македонската книжевност од XIX век“ и „Македонското женско творештво од XIX век“ со кои Ковилоски ги афирмира непознатите женски имиња во македонската култура, книжевност, образование, револуционерни борби и фолклор.

Тргнувајќи од основната идеја дека без женската меморија и интерпретаторска дарба, значаен дел од македонското фолклорно богатство воопшто немало ни да биде зачувано, се потенцира значењето на македонската жена како носител на традицијата, чувар на јазикот, но и столб на македонскиот културен континуитет и идентитет.

Рецензентката на изданието Ана Мартиноска забележува дека: „Оваа репрезентативна публикација на едно место сумира повеќе истражувања што ја потврдуваат темелната улога на жената како чуварка и авторка на македонскиот фолклор. Со тоа, јасно е дека оваа книга претставува основа за натамошни, а неопходни толкувања на женските теми во рамки на фолклористиката, етнологијата, феминистичката критика, родовата теорија и други дисциплини“.

Оваа монографија претставува прв посериозен обид за афирмирање на македонските авторки од XIX век, и во посебно поглавје се занимава токму со народните пејачки. Ковилоски детално се задржува на десет од нив, и тоа: Дафина од Просеник, Парашкева Сирлешчова, Депа Каваева, Ѓурѓа Котева, Божана Трпанова, Арса Стрезова, Цвета Мазнеова, Дафа Цепенкова, Илинка Везенковска и Митра Ристова. Истовремено дадена е и табела со список од вкупно 160 имиња на интерпретаторки на народни умотворби, со податоци за местата од каде што потекнуваат, кој ги запишувал или собирал нивните песни, каде и кога се објавени. Треба да се напомене дека овие жени не се само пејачки и интерпретаторки на народни песни, туку и самите активно учествувале во создавање на нови песни, кои под превезот на анонимноста денес се сметаат за народни песни. Токму затоа, преку компаративни анализи се откриваат нивните придонеси во доработка и создавање нови твори кои треба да најдат свое место во македонската книжевност и историја. Со ова истражување во извесна мера се надополнуваат празнините во постојните научни сознанија и се нуди нов поглед кон женското народно пеење и авторството на пејачките.

 

Back to top button
Close