Иран: Акциите на САД што ја нарушуваат контролата на Ормуската теснина ги сметаме за кршење на примирјето

Секоја акција на американските сили што ја нарушува контролата на Иран врз Ормуската теснина, вклучително и отстранувањето на мини, Иран ја смета за кршење на примирјето, соопшти синоќа претседателот на иранскиот Парламент, Мохамед Багер Калибаф.
„Американците во последните денови ја објавија својата блокада, тоа е неодговорна и погрешна одлука. Невозможно е ако ние не можеме да поминеме низ Ормуската теснина, други да можат да го сторат тоа. Ако САД не ја укинат блокадата, транзитот низ Ормуската теснина сигурно ќе биде ограничен“, рече Калибаф.
Според него, Иран би отворил оган врз американски воен брод стациониран во близина на Ормуската теснина, во случај тој „да се приближи уште повеќе“ до теснината во однос на моменталната позиција.
„Доколку тој се приближеше, дефинитивно ќе отворивме оган врз него“, рече Калибаф, додавајќи дека ја информирал американската делегација за оваа можност за време на преговорите во Пакистан.
Претходно Иранската револуционерна гарда синоќа соопшти дека Ормуската теснина ќе остане затворена поради кршење на прекинот на огнот од страна на САД. Во соопштението, гардата наведува дека неколку бродови поминале низ Ормуската теснина завчера, но дека „поради кршење на условите на прекинот на огнот, американскиот непријател не ја укинал поморската блокада на иранските бродови и пристаништа“.
„Затоа Ормуската теснина ќе биде затворена сè додека не се укине оваа блокада“, се додава во синоќа објавеното соопштение.
Во исто време, Иранската револуционерна гарда предупреди дека ниту еден брод не смее да се помести од своето сидро во Персискиот Залив и Оманското Море, а приближувањето кон Ормускиот теснец ќе се смета за соработка со непријателот, додека секој брод што ќе ги прекрши овие услови ќе биде цел на напад






