Иран кажа дека завршил со ракетниот напад врз Израел, но на било каква одмазда ќе одговори уште посилно

Иран кажа дека неговиот ракетен напад врз Израел е готов, додека Израел и САД ветија дека ќе се одмаздат.

И покрај повиците за примирје од Обединетите нации, САД и ЕУ, борбите помеѓу Израел и Хезболах продолжија и денеска. Хезболах кажа дека се судрил со израелските трупи кои навлегувале во либанскиот град Адаисех и ги принудил на повлекување.

Во вчерашниот ирански напад врз Израел, најголем досега, биле испукани околу 180 балистички проектили и најголем дел биле пресретнати. САД кажаа дека два брода на американската морнарица учествувале во одбраната на Израел, испукувајќи десетина пресретнувачки ракети.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека нападот бил одбранбен, а цели биле израелски воени објекти. Техеран кажа дека нападот бил одмазда за израелската агресија врз Либан и за убиството на водачите на Хезболах.

„Нашата акција е завршена, освен доколку израелскиот режим не одлучи да се одмазди. Во такво сценарио, нашиот одговор ќе биде уште посилен и помоќен и ќе ја нападнеме целата израелска инфраструктура“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш му возврати на Иран.

„Иран направи голема грешка и ќе плати за тоа“, рече тој.

Вашингтон објави дека ќе соработува со својот сојузник Израел за да се осигура дека Иран ќе сноси последици за вчерашниот напад.

„Вашингтон е силно посветен да ги брани своите интереси на Блиски Исток“, изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Пентагон кажа дека вчерашниот ирански напад бил значително поголем од оној во април, кога биле лансирани околу 110 проектили. Иранската револуционерна гарда објави дека иранските сили првпат користеле хиперсонични проектили „фатах“ и 90% од проектилите ја погодиле целта

Back to top button
Close