Иран негира дека е вмешан во нападот во Јордан во кој загинаа тројца американски војници

Иранската мисија во Обединетите нации денеска соопшти дека Техеран не е вклучен во нападот со беспилотно летало во кој загинаа тројца припадници на американската војска во североисточниот дел на Јордан, во близина на сириската граница.

Во соопштението, објавено од државната новинска агенција ИРНА, мисијата наведува дека Иран нема никаква врска со нападот на американската база.

Оттаму, исто така, додаваат оти „постои конфликт меѓу американските сили и групите на отпорот во регионот, кои возвраќаат на нападите“.

Американскиот претседател Џо Бајден ги обвини групите поддржани од Иран за нападот со беспилотно летало врз американските сили, во кој загинаа тројца припадници на американската војска, а, како што пренесуваат странските медиуми, повеќе од 30 се ранети.

„Додека сè уште собираме информации за овој напад, знаеме дека е извршен од радикални групи во Сирија и Ирак кои имаат поддршка од Иран. Оние кои се одговорни за нападот ќе одговорат во време и на начин што ние ќе го избереме“рече Бајден.

Нападот претставува натамошна ескалација на и онака напнатата ситуација на Блискиот Исток, каде што избувна војна во Газа по нападот врз Израел на 7 октомври од страна на палестинската исламистичка група Хамас.

Овој напад е прв случај американски војници да бидат убиени од непријателски оган на Блискиот Исток од почетокот на војната во Газа

Back to top button
Close