Иранско МНР: Подготвени сме да го продолжиме дијалогот со САД, но преку посредник

Иранското Министерство за надворешни работи денеска ги демантираше информациите за можноста за директни преговори со САД во врска со нуклеарната програма на Техеран.

„Овие гласини се неосновани. Тие се апсолутно неосновани“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Исмаил Багеи на иранската телевизија.

Претходно неделава „Њујорк Тајмс“ објави за можно продолжување на разговорите директно меѓу Иран и САД.

Багеи потврди дека следната рунда индиректни разговори со САД ќе се одржи следната сабота и дека Оман повторно ќе биде посредник, но дека локацијата може да биде различна.

Ирански и американски претставници вчера ги одржаа првите разговори за нуклеарната програма на Техеран во главниот град на Оман, Мускат, со посредство на шефот на оманското Министерство за надворешни работи, Бадр ал Бусаиди, откако американскиот претседател Доналд Трамп даде рок од два месеци за почеток на преговорите со закана од воена интервенција.

Трамп, коментирајќи ги резултатите од разговорите меѓу неговиот специјален претставник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во Оман, рече дека, според него, разговорите со Иран се одвиваат добро.

Back to top button
Close