Исплатени 153,2 милиона денари на 6 396 млекопроизводители
Платежната агенција соопшти дека се исплатени 153,2 милиона денари на 6 396 производители за произведено и предадено млеко во март, април и мај 2021 година.
-Како корисници на оваа поддршка се јавуваат земјоделски стопанства регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози во Регистарот на одгледувалишта. Висината на директните плаќања изнесува 3,5 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко и 4,5 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко во преработувачки капацитети запишани во регистарот на откупувачи на земјоделски производи, наведува Агенцијата.
Воедно информира и дека почнува подготовката на налозите за исплата на млекопроизводителите за произведеното и предадено млеко во јуни и јули 2021 година.
-Млекопроизводителите ја имаат нашата поддршка. Со дополнувањето на Интервентната програма предвидовме нова мерка вредна над 140 милиони денари преку која обезбедуваме поддршка на млекопроизводителите по литар произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во домашни капацитети за период од 1 октомври 2021 година до 30 септември 2022 година. Целта на оваа интервентна мерка е поддршка во намалување на трошоците и на загубите кај млекопроизводителите, кои како резултат на светската криза, се јавија со последните поскапувања на репроматеријалите и сточната храна. Средствата за оваа мерка се веќе обезбедени преку ребалансот на буџетот. Одговорно и навремено креираме мерки за поддршка на секој еден земјоделец. Наша обврска како Министерство е да го стабилизираме и зголемиме домашното производство, да го помогнеме производството на хрaна намалувајќи ги трошоците на земјоделците, велат од Платежната агенција.