Истражување „Дојчландтренд“: АфД е најсилна

Највисок приоритет требаше да има економскиот подем. Во рок од неколку месеци, граѓаните ќе почувствуваат дека Германија оди напред, вети канцеларот во својата прва владина изјава и најави големи реформи веќе за претстојната есен.

Граѓаните се фрустрирани

По една година на власт, канцеларот со разочарување мора да признае дека една земја како Германија не може да се пренасочи во рок од неколку месеци. Црно-црвената коалиција е склона кон конфликти и, поради долготрајната потрага по компромиси, многу побавна од очекуваното. Економијата не зема замав. Во земјата разочараноста од работата на владата е опиплива.

Вкупно 86 проценти од Германците се незадоволни од работата на сојузната влада. Тоа произлегува од најновиот АРД‑Дојчландтренд, за кој институтот за истражување на јавното мислење Инфратест димап репрезентативно анкетирал 1.303 гласачи со право на глас во периодот од 4 до 6 мај 2026 година. Високото ниво на незадоволство е рекордно. Ниту една сојузна влада досега не била оценета толку негативно по една година мандат. Анкетата Дојчландтренд се спроведува од 1997 година.

Многу проекти, многу закони

Притоа, статистиката на владата на прв поглед и не изгледа толку лошо. Канцеларот и неговите министри заседавале заедно 41 пат и притоа покренале 557 проекти. Од нив, 175 биле предлог-закони. Најмногу во областите миграција, економија и енергија, безбедност и одбрана, труд и социјални прашања. Но, со оглед на економски лошата состојба во која Германија сè уште се наоѓа, тоа на граѓаните не им е доволно.

86 проценти од граѓаните се незадоволни од она што владата досега го покрена. Критиката, сепак, не се насочува само кон содржинската работа. Гласачите даваат лоши оценки и за комуникацијата со граѓаните, како и за соработката во самата влада.

На нови избори би профитирала АфД

Само 44 проценти од испитаниците сметаат дека коалицијата треба да остане на власт до следните редовни избори за Бундестагот во 2029 година. Само гласачите на владејачките партии и гласачите на Зелените се против предвремено распуштање на коалицијата. Но, што би се случило доколку се одржат нови избори?

Според Дојчландтренд, Унијата и СПД тогаш веќе не би имале мнозинство. За првпат, делумно десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД) би била најсилната политичка сила. Со 27 проценти таа достигнува нов рекорден резултат.

Унијата губи два проценти во споредба со април и паѓа на 24%. СПД останува на 12 проценти, Левицата и натаму на 10 проценти, додека Зелените со 15 проценти (+1) стојат нешто подобро отколку претходно. ФДП (четири проценти; +1) и Сојузот Сара Вагенкнехт (БСВ) (три проценти, +/-0) во моментов не би успеале да влезат во Бундестагот.

Уште посилни резултати АфД бележи во анкетите во сојузната покраина Саксонија-Анхалт. Таму во септември се избира нов покраински парламент. Според Инфратест димап, АфД во оваа источногерманска покраина во моментов би добила околу 41 процент од гласовите. Актуелно владејачката ЦДУ е далеку зад нив со 26 проценти.

Дали владата ќе направи пресврт? Скепсата е голема

Канцеларот Мерц не гледа алтернатива на коалицијата со СПД и сака да продолжи да владее заедно со неа. Откако во април беше претставен предлог-закон за здравствена реформа, пред летната пауза треба да се разговара и за основите на пензиската реформа. До крајот на годината треба да се изработи голема реформа на данокот на доход, која пред сè треба да ги растовари лицата со мали и средни приходи. Сепак, сè уште нема решение за финансиското покривање наваквите зафати. СПД сака побогатите да бидат посилно оданочени, а Унијата го одбива тоа.

Ако се прашаат граѓаните, темите економија, социјални прашања и миграција и понатаму треба да имаат приоритет. Сепак, во Дојчландтренд тие покажуваат малку доверба дека коалицијата може многу да промени во тие области.

Додека во јуни 2025 година сѐ уште добра половина од граѓаните веруваа дека црно-црвеното мнозинство ќе ја придвижи економијата, денес тоа се помалку од половина. Тогаш добра третина сметаше дека коалицијата ќе обезбеди поголема социјална сигурност, додека во моментов тоа го очекува само околу една четвртина од испитаниците. Само една третина од испитаниците од коалицијата очекува ефективно управување со миграцијата, додека минатото лето тоа биле речиси четворица од десет испитаници.

Владеење во историски исклучителна ситуација

Во интервјуа по повод првата годишнина од неговата влада, Фридрих Мерц укажува на тоа дека ниту еден канцелар пред него не морал да се соочи со толку тешки услови. Светот, поради глобалните кризи и војни, се наоѓа во историски исклучителна ситуација. Но, граѓаните не сакаат тешките рамковни услови да ги прифатат како олеснителна околност за црно-црвената коалиција. Речиси шестмина од десет испитаници сметаат дека владините постапки во постојните кризни услови не се соодветни.

Со канцеларот Мерц, само 16 проценти од испитаниците се „главно задоволни“, што е најниската вредност за еден канцелар во Дојчландтренд. Осум од десет лица ја критикуваат неговата комуникација. Тројца од четири испитаници се сомневаат дека тој може добро да ја води земјата низ криза. Седум од десет испитаници ја доведуваат во прашање неговата соодветност за функцијата. Подобри оценки Мерц добива само кај симпатизерите на партиите на Унијата.

САД, Иран и Бундесверот

На крај, уште еден поглед кон два аспекта од надворешната и безбедносната политика. Германската морнарица стационира два свои брода во Средоземното Море. Бродот за лов на мини „Фулда“ исплови од Кил. Покрај тоа, снабдувачкиот брод „Мозел“, кој во моментов се наоѓа во Егејското Море, се подготвува за можен ангажман. Доколку по завршувањето на борбените дејства дојде до меѓународна морнаричка мисија во Ормускиот Теснец, пред брегот на Иран, бродовите треба брзо да бидат подготвени за дејствување. Во Дојчландтренд, секој втор испитаник смета дека учеството на морнарицата во таква мисија е правилно. Ставовите варираат во зависност од партиската припадност.

Иако односот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и сојузниот канцелар Фридрих Мерц на почетокот изгледаше прилично хармонично, во последно време се појавија јасни разлики во ставовите. Германците сметаат дека е правилно што Мерц ги застапува своите сопствени позиции. Без оглед на партиските симпатии, кај сите доминира мислењето дека сојузната влада треба да остане доследна на своите ставови, дури и ако тоа го налути Доналд Трамп. Само нешто повеќе од секој петти се залага Германија да постапува повоздржано во надворешнополитичките спорови за да не го провоцира Трамп.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ

Back to top button
Close