ИСВ: Кремљ подготвува тајни акции во Балтичкото Море и земјите во Европа
Има индикации дека Русија подготвува акти на саботажа во Балтичкото Море прикриени со „странско знаме“, се наведува во најновиот извештај на американскиот Институт за студирање на војната (ИСВ).
Аналитичарите сметаат дека Москва моментално го подготвува медиумскиот шум што ќе биде пропратен со овие акти.
-Кремљ можеби создава информативни услови за можни напади под туѓо знаме во Балтичкото Море, како и против руски опозициски политичари во егзил а со цел дискредитација на Украина, се вели во извештајот на ИСВ.
Како индикација се наведува соопштението на руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) објавено вчера, 11 февруари, во кое Главната управа за воено разузнавање на Украина (ГУР) беше обвинета за подготовка на саботажа врз странски брод во Балтичкото Море. СВР тврди дека Украина делува „со поддршка на западните координатори“ и дека ќе користи руски мини за потоа да ја обвини Москва за инцидентот. „Украинските и западните разузнавачки служби очекуваат дека ваквата операција ќе го принуди НАТО да го блокира пристапот на Русија до Балтичкото Море“, изјавија од СВР, додавајќи дека ова може да предизвика директен воен конфликт меѓу Русија и НАТО.
Исто така, СВР соопшти дека украинското разузнавање планира атентати врз претставници на руската несистемска опозиција и бизнисмени кои се во азил за да избегнат кривично гонење.
Во ИСВ истакнаа дека СВР претходно веќе ја обвини Украина и други западни земји за планирање прикриени напади со цел дискредитација на Украина и создавање „раскол“ во западното единство за поддршката на Украина, особено во клучни моменти кога се води дискусија за идната помош и се разговара за можен мировен договор.
Сомнежи за руски диверзии има и во Германија и Полска каде биле оштетени воени бродови или производствени капацитети.
Во изминатите три месеци во Балтичко Море беа регистрирани низа инциденти со оштетување на подводната инфраструктура за комуникација и дистрибуција на електрична енергија меѓу земјите на НАТО. За овие диверзии осомничени се руските разузнавачки служби.