Избори во САД: Трамп не сака нов ТВ-дуел со Харис

Републиканецот Доналд Трамп изјави дека нема да учествува во уште една претседателска дебата против неговата демократска противкандидатка Камала Харис пред претседателските избори во САД на 5 ноември.

Неговата објава дојде откако кампањата на Харис рече дека таа е подготвена и сака да учествува во уште една дебата по нивното прво телевизиско соочување во вторникот во Филаделфија.

„Кога борец ќе загуби битка, првите зборови од неговата уста се: ‘Сакам реванш’“, напиша Трамп, имплицирајќи дека Харис ја загубила дебатата.

Тој тврдеше дека анкетите покажале дека победил, но анкетите спроведени веднаш по дебатата покажаа дека гласачите сметаат дека Харис била подобра. Првите анкети за поддршката на изборите покажуваат зголемена поддршка за Камала Харис.

Поранешниот претседател додаде дека за сите „прашања кои ги предизвикале Камала и Џо Бајден детално се разговарало“ за време на неговата прва дебата против Бајден во јуни, а потоа и во втората дебата против Харис.

„Нема да има трета дебата“, заклучи тој во своето соопштение, користејќи само големи букви.

Од друга страна кандидатката на Демократската партија, Камала Харис, на партиски собир во Северна Каролина, една од американските сојузни држави клучна за исходот на ноемвриските избори, рече дека верува дека на гласачите им должи уште една телевизиска дебата.(dw)

Back to top button
Close