Каква „националност“ имаат транзитните државјанства?

Брисел досега ја има укорено Софија дека создава транзитно државјанство. Можеби македонскиот попис најдобро ќе илустрира колкав е неговиот обем.

Претседателот на партијата Граѓанскo Демократска Унија (ГДУ), Петар Колев, вчера преку отворено писмо му постави неколку прашања на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во врска со пописот. Во писмото наведува дека во последниот период зачестуваат реакции на граѓани кои сигнализираат за нерегуларности кои се дел од статистичката операција.

„Веќе неколку сигнали од граѓани потврдуваат дека поради брзање, неискуство или можеби поради друга причина, попишувачите го пропуштаат или погрешно го внесуваат податокот од изјавата за национална припадност и мајчин јазик“, наведува Колев. Од Симовски бара конкретен одговор на прашањата поврзани со увид во процесот, но и со гаранција и контрола за почитувањето на правото на самоопределување.

„Дали попишувачите ќе сносат одговорност за некоректното и непрофесионално внесување на податоци на граѓаните, ако се укаже дека во процесот на внесување, добиле една изјава, а внесле во системот друга информација? Дали граѓаните ќе имаат можност по завршување на пописот да побараат официјална информација како се внесени нивните лични податоци во системот и дали одговараат на нивната изјава дадена за време на анкетата извршена од попишувачите? Доколку се укаже дека има разминување во дадената изјава и внесените податоци, каква е правната постапка со која граѓаните ќе можат да го заштитат своето право на самоопределување, кое впрочем е гарантирано и со Уставот на Република Северна Македонија“, праша лидерот на ГДУ, кој живее во Штип и се декларира како Бугарин.


Директорот на македонскиот Државен завод за статистика, Апостол Симовски

Не сте сами!

Пред три дена бугарски медиуми го пренесоа повикот на Колев – „Надмини го стравот, преброј се како Бугарин!“

„Време е да се спротивставиме на дискриминацијата, говорот на омраза и кршењето на основните човекови права! Време е нашата татковина да стане модерна и европска држава, во која сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите и имаат еднакви можности“, порачал Колев, потенцирајќи – „веќе не сте сами, времињата се менуваат и промената зависи од нас“.

Дека не се сами, летово им порача и бугарскиот претседател Румен Радев, кој на 22 јули оствари средба со двајца претставници на ГДУ – Петар Колев и Георги Трендафилов. На средбата Колев нагласи дека по 30 години претседателот Радев е единствениот бугарски политичар кој најдобронамерно и искрено решил да го слушне и мислењето на Бугарите кои живеат во РСМ.

„Ние сме убедени дека граѓаните на Република Северна Македонија кои се самоопределуваат како Бугари можат да бидат еден од многуте мостови за надминување на проблемите и можност за побрзо и подинамично европско интегрирање на Македонија“, рече тогаш Колев.

Според Радев, тој „мост“ воопшто не е мал.

„Над 120.000 луѓе таму имаат бугарски пасоши, тие очекуваат институциите во Бугарија да бидат многу поактивно вклучени во решавањето на нивните проблеми. Очекувам да се напушти говорот на омраза во учебниците по историја, во натписите на историските споменици, во музеите, во медиумите. Прекинот на дискриминацијата и почитувањето на правата на Бугарите на територијата на нашиот југозападен сосед ќе биде важен знак за европската зрелост на Република Северна Македонија“, изјави Радев, потенцирајќи дека исполнувањето на копенхангеншките критериуми е предуслов РСМ да ги започне преговорите со ЕУ.

Бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Зоран ЗаевБугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Зоран Заев

Бугари или пасошобаратели?

Очигледно е дека изјаснувањето на Бугарите на пописот, особено обемот во кој ќе го сторат тоа, ќе се користи како „аргумент“ во описот на зрелоста на македонската политика. Но, дали се што ќе биде под бројката со која оперира Бугарија (120.000), ќе се смета за притисок врз слободното изјаснување на Бугарите во РСМ, или сепак и Софија е свесна што се крие зад таа бројка: дел се Бугари, но најголемиот дел „пасошобаратели“, како што ги дефинира Иван Анчев, генерален конзул на Бугарија во Чикаго од 2016 до 2020 година.

„Ако во РСМ како Бугари се самоопределат само 1.000 лица, тоа би не лишило од секакви аргументи во нашиот дијалог со властите во Скопје“, порача Анчев.

Тој пред две недели во колумна напиша дека „во првите два дена од пописот во РСМ како „Бугари“ се самоопределиле 72 лица, при над 130 илјади бугарски пасоши издадени на граѓани на Северна Македонија, добиени поради „нивното осознаено бугарско потекло“. Тој ги потсети сите „пасошобаратели (нагласувајќи дека не може да ги нарече Бугари) кои пред нотар декларирале дека имаат бугарско етничко сознание, дека ако ја пополниле декларацијата со невистинита изјава, се соочуваат со одредби од Бугарскиот кривичен законик.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

„Дали ни се потребни такви бугарски граѓани? Носители на бугарски пасош, но консуматори кои со ништо не придонесуваат за бугарската нација и бугарскиот народ“, прашува Анчев, и предлага да им се одземе бугарското државјанство на оние кои имаат бугарски пасоши а  не се идентификуваат како „Бугари“ на тековниот попис во РСМ. Тој предлага оние кои се изјасниле како Бугари тоа да го докажат со копија од формуларот, со кој ќе се потврди дека така се изјасниле.

Во однос на „само“ 72-те лица деклараирани како Бугари во првите два дена од пописот, директорот на ДЗС, рече дека во текот на статистичката операција никој нема пристап до податоците за да може да изнесува какви било податоци.

„Податоците ќе бидат достапни дури откако ќе заврши пописот и вкупната обработка”, изјави тој.

Но, отворањето на ова прашање од бугарска страна на ваков начин веќе навестува дека тоа максимално ќе се користи од Софија во спорот со Скопје, но и на претстојните избори. Прашањето како ќе се направи разликата меѓу лицата кои навистина имаат бугарско самосознание и Македонците кои обезбедиле бугарски пасоши исклучиво заради други цели (патување, престој и работа во ЕУ), не е прашање што ги тангира само двете соседни земји. Брисел и досега ја има укорено Софија дека создава транзитно државјанство. Можеби пописот најдобро ќе илустрира колкав е неговиот обем.

извор: ДВ

Back to top button
Close