Калајџиев за одлуката повторно да се отвори истрагата за „Мазут“: Се чини политички инспирирано
Вишото јавно обвинителство Скопје реши повторно да ја отвори истрагата за „Мазут“, откако ОЈО ГОКК претходно ја запре постапката поради недостаток на докази.

ОЈО ГОКК сега е задолжено да продолжи со истрагата, да прибере дополнителни податоци од повеќе институции и да спроведе нови вештачења.
Професорот Гордан Калајџиев во изјава за Канал 5 Телевизија смета дека ваквата одлука отвора сериозни правни прашања, а не ја исклучува ниту можноста за политичка мотивираност.
„Мене ми изгледа ова дека е практично политички инспирирано. Во дадената ситуација практично нема можност за ревизија на јавнообвинителската одлука што беше донесена. Одлуките што ги донесува Обвинителството се независни, по кои инстанци и кој обвинител ги има донесено, бидејќи внатрешната функционална надлежност е прилично слободна, би рекол, во Обвинителството и не може да глуми повисокиот обвинител некаков сега суд, којшто наоѓа слабости во вештачењето на понискиот, односно надлежниот обвинител што постапува по случајот и да го враќа случајот сега на штета на осомничениот во постапката. Тоа е спротивно на процесни принципи, на идејата за правна сигурност, на пресумпцијата на невиност“ – истакна професорот Калајџиев.
Вишото обвинителство образложи дека се констатирани слабости во вештачењата врз кои ОЈО ГОКК ја темелело одлуката за запирање на истрагата.
Но, што покажаа досегашните наоди?
Во мај ОЈО ГОКК соопшти дека не биле обезбедени докази дека е направена штета од 167 милиони евра, колку што била наведена во пријавата на МВР. Не била утврдена ниту штета за ЕСМ или државниот буџет.
Според тогашните наоди, мазутот бил испорачуван навремено и континуирано, а не бил утврден ниту прекин во производството на електрична енергија поради недостиг од мазут.
Не беше потврдено ниту загадување. Официјалните извештаи на ТЕЦ „Неготино“ покажуваат дека во периодот опфатен со истрагата не било регистрирано загадување од работењето на централата.
Не било утврдено ниту надминување на пропишаните гранични вредности за квалитетот на мазутот.
Од друга страна, финансиските резултати покажуваат дека ТЕЦ „Неготино“ во 2022 година остварила добивка од приближно 2,25 милијарди денари или околу 36,5 милиони евра.
Според анализите на ФЕИТ, доколку Македонија во критичниот период морала да увезува електрична енергија наместо да произведува во ТЕЦ „Неготино“, трошокот би достигнал околу 880 милиони евра.
Оттука, повторното отворање на истрагата повторно го става „Мазут“ во центарот на вниманието. Вишото обвинителство бара нови вештачења и дополнителни проверки, додека досегашната постапка не утврдила штета, загадување или докази за кривичните дела за кои се сомничеле лицата.
Сега останува на продолжената истрага да покаже дали ќе бидат утврдени нови факти кои би ја оправдале промената на досегашниот тек на предметот.






