Караџовски: Имаме најцрно и малку порозево сценарио за наредниот период со коронавирусот

Имаме најцрно и малце порозево сценарио, меѓутоа она што е тешко е да се прогнозира што ќе се случи во период пред нас, вели претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски во изјава за ТВ21 одговарајќи на прашањето што ќе ни се случува во следните месеци со коронавирусот.

Тој вели дека зимата околу новогодишните и божиќните празници состојбата би се искомплицирала затоа што во есенскиот и зимскиот период има пациенти со респираторни вируси.

„Тоа значи од октомври натака почнуваат аденови рози, респираторни синцицијални вируси, параинфлуенца и инфлуенца. Кога ќе дојде инфлуенца тоа значи околу новогодишните и божиќните празници ќе ни се случи еден втор бран во кој со сигурност ќе имаме зголемен капацитет на хопспитализација на болни, ќе се искомплицира состојбата затоа што ние во секој момент знаеме дека околу 20 % од сегашните капацитети ќе бидат пополнети со заразни заболувања од групата на респираторни вируси, а тоа пред сè е инфлуенца – вели Караџовски.
Затоа, вели тој, ќе се спремаат 16 монтажни болници низ градовите во земјата и во нив ќе има сместувачки, дијагностички и капацитети за надзор и тријажа. Така, според него, ќе се спречи некој пациент кој е заразен да влезе кај останатите болни и да се создаде некој кластер.

Поставувањето на монтажни болници во 16 градови Министерството за здравство го најави пред две недели, а во меѓувреме во дел од градовите, како Штип и Гевгелија, почна и подготовка на теренот каде ќе се постават тие.

Здравствените власти, најавуваат и зголемување на капацитетот во наредниот период.

„Исто така бидејќи се спремаме за потешко сценарио од ова и за таа цел имаме опција да направиме уште 3-4 институции во кои ќе може да се прави дијагностика. На сегашните 11 планираме уште 3 нови со цел да добиеме уште 200 до 300 брисови дневно за процентот и бројот на брисови да го зголемиме, од сегашните 1 500 можеби ќе дојдеме и до 2 000 брисови на крајот на календарската година -вели Караџовски.

Back to top button
Close