Каракачанов : Османи и македонската влада интензивно лобираат во Брисел, Бугарија ќе испадне виновна


Почесниот претседател на бугарската ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, алармира за победа на македонската над бугарската дипломатија обвинувајќи ги политичките лидери во Софија дека додека се занесени во нивните внатрешни политички глупости и скандали, се пропушта многу важна тема во однос со Северна Македонија чии власти прават целосно лобирање во Брисел.

Каракачанов предупредува дека во Европскиот парламент почнува разгледувањето на извештајот за земјава. Во него, како што вели, иако не се отсликани целосно бугарските забелешки за политиката на Македонија кон Бугарија во билатералните односи, сепак има доста критични наоди кои го обврзуваат Скопје да ги исполни ако сака членство во ЕУ. Но, предупредува дека на крај Бугарија може да биде прогласена за виновна.

„Во конкретниот случај станува збор за целосно лобирање од страна на македонската влада и колку што можеме да ѝ се лутиме, толку можеме и да ѝ се восхитуваме затоа што за разлика од бугарските влади кои досега владееја со Бугарија и кои не вложија време, средства или став на темата за Македонија, гледаме дека Скопје постапува многу дрско, многу брутално со лаги и манипулации типични за неговата политика“,вели Каракачанов, пренесува БТА.

Тој вели дека власта во земјава се обидува да го сврти мислењето на европратениците во однос на извештајот кој инаку, нагласува, е подготвен со активна помош на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски

„Ако продолжиме да дремеме на ист начин, не само што Скопје нема да биде принудено од Брисел да направи какви било промени во односите со Бугарија, туку и Бугарија ќе испадне виновна. Има неколку преседани во изминатите три недели што треба да ги забележиме. Прво, фактот што македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи активно ги посетуваше институциите во Брисел, посетуваше и одржуваше средби со различни групи европратеници на кои искрено, без никакво име ја клеветеше Бугарија“,вели Каракачанов.

Понатаму, тој го наведува говорот на премиерот Димитар Ковачевски на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, Исланд, во кој обвини дека дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина.
Нема како да се опише, вели тој, оваа голема дрскост и обвинува дека имало молк од бугарските институции.

Каракачанов обвинува и дека во однос на лобирањето веројатно станува збор за давање пари на европратеници бидејќи, вели, Европскиот парламент го тресат корупциски скандали како што е последниот со катарското прашање.

„Скопје се обидува да го сврти извештајот во своја полза и за малку ќе ја направи Бугарија виновна. Ова е случај без преседан во практиката на Европскиот парламент и бирократите во Брисел – земја кандидат да си дозволи да прави такви констатации и да води таква реторика против земја членка. Ова досега е недозволено“,вели Каракачанов.

Тој обвинува дека во сето ова има и надворешен притисок од САД бидејќи, вели, тоа што го кажал премиерот во Рејкјавик го повторила и американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер – во поблага форма, но во иста смисла.

Тој бара во Софија да ги држат очите отворени и да не пропуштаат што се случува во Брисел.

Ваквите предупредувања и аларми до бугарската јавност, Каракачанов ги испраќа преку видеообраќање кое го снимил кај споменикот на семејството Делчев во Благоевград.

Back to top button
Close