Катица Јанева и Стевче Јакимовски на црна листа на САД

Американскиот Стејт Департмент денеска ги стави на црна листа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. По повод означувањето, од Стејт Департментот велат дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции.

„Како поранешен шеф на специјалното обвинителство, Јанева беше вклучена во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Има кредибилни информации дека Јанева барала и примила мито за да влијае на обвиненија под нејзина надлежност“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

 

За Јакимовски се вели дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

Освен, Јакимовски и Јанева, Стејт Департментот ги стави на црна листа и двајцата возрасни синови на Јакимовски и синот на Јанева. На сите нив им е забранет влез во САД.

Во меѓувреме, американската амбасадорка Анџела Агелер објави статус во кој вели дека САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, гранка на владата или заедница.

„Денешните ознаки на поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски не треба да изненади никого. САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, гранка на владата или заедница вклучена во значителна корупција. Народот на Македонија заслужува правда и одговорност од своите институции да го спречат бранот на криминалното однесување и да го спречат ракот на корупцијата“, напиша Агелер.

На црната листа лани на 5 декември САД го ставија и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, а од претходно се Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.

Back to top button
Close