Кажи фала

Светска криза е, сè поскапува, ковидот уште ги полни болниците и гробиштата, од јануари ќе биде уште потешко, а кај нас власта и опозицијата се силат со предвремени избори.

Имаме ли право ние барем една година да проживееме без избори? Башка, да се само избори. Малку ни е што доживеавме Мицкоски да ни зборува против бетонизација и против „мафија на власт“ и да се среќава со Зијадин Села на местото на злосторот во Собранието, па сега уште и одново ќе треба да се занимаваме со нивните лидерски средби во Клуб на пратеници, па избор на Пржинска влада, па овој министер не збори со заменикот, па оној другиот не збори со премиерот, па ќе се бркаат министрите и заменските министри во МВР, ќе си ја докажуваат надлежноста министрите за финансии и министрите за труд и социјала…

И згора на тоа уште и Албанец премиер шесте месеци треба да има пред избори. „Псе јо“ беше тоа на Ахмети, нели… Локалниве избори покажаа дека најмалку 120.000 гласачи немаат нерви за тоа да го издржат. Зошто е толку страшно ако во демократска држава се изгубат локални избори?

Мора ли баш сè да биде толку драматично па „паѓа Шилегов, паѓа Влада“, или толку историски значајно, па од промената на локалните власти да зависи иднината на државата? Ич не му држи логиката на Заев.

Ако падне Владата зашто паднало Скопје, значи ли тоа дека СДСМ нема да учествува на евентуални предвремени парламентарни избори? Оти, предвремени локални избори секако не може да има. Бил тој премиер, или не, и решил ли да нè малтретира со вонредни избори или не, вмровската локална власт секако ќе остане следните четири години. Заев има уште многу проекти кои ветил дека ќе ги заврши и за тоа ја доби довербата на изборите лани.

Не може сега да бега по само една година оти не му се допаѓа математиката. Има уште речиси три години до крај на мандатот – нека си се консолидира. И нека им каже фала на гласачите што му отворија очи. Башка, чекај да ги видиме и новиве вмровски кадри како ќе владеат во општините што ги освоија. Нека ги извадат списоците за смени по градинките и училиштата. Нека стават нови директори по комуналните претпријатија. Нека изасфалтираат сè што ветија со сопствени општински средства.

Нека создаваат „нова иднина“ со бришење на „Северна“ од таблите и со отстранување на албанскиот јазик. Па и Данела ако победи, да видиме како ќе ги купи 250-те автобуси за бесплатен превоз на скопјани. И гасот ќе го обезбеди. Уште не се вратил Груевски да ѝ одобри пари од државниот буџет. А и Миле уште е во куќен притвор, па не може да се вози низ цело Скопје ко што се возеше со кинеските двокатни што се распаѓаат. На крајот на краиштата, да видиме дали злото стварно се вратило, оти веќе ги вадат списоците за отстрел на неистомислениците.

Целата коумна на Горан Михајловски на СДК мк

Back to top button
Close