Кој ќе го „обере“ грозјето во Езерски Лозја број 1?

Контроверзите околу Меѓународниот универзитет во Струга не се од вчера, ама досега ниедна надлежна институција не ги засука ракавите. Пишува Катерина Блажевска.

Со години се шират приказни за условите кои не ги исполнуваат дел од високобразовните институции во земјата, но досега ниту една надлежна институција не успеала да се справи со девијациите, ниту ги ревидирала акредитациите што ги добиваат студиските програми.

Прашањето се актуелизира по веста дека Меѓународниот универзитет во Струга кој се поврзува со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, добил решение од Министерот за образование Јетон Шаќири за отворање Медицински факултет. Стигна демант дека со планираната студиска програма нема да се едуцираат лекари, туку медицински сестри. Шаќири објасни дека министер не може да основа високообразовна установа, бидејќи тоа е постапка во која се инволвирани повеќе надлежни институции – почнува со иницијатива на Универзитетот, треба да добие позитивно мислење од Владата, а решение за акредитација на студиска програма носи Одборот за акредитција на високото образование.

Меѓународниот универзитет во Струга добил решение од Министерот за образование Јетон Шаќири за отворање Медицински факултет.

Вака се објаснува и отфрла одговорноста на министерот за образование, Јетон Шаќири, кој пред заминување од функцијата, во рамки на неговата надлежност донел одлука за исполнетост на условите за почеток со работа на високообразовната установа состав на веќе постоечки универзитет.  Нагласува дека во неа нема „ништо противзаконски и ништо самоволно“.

Политика на интегритет

Она што во овој случај привлекува внимание, е фактот што Јетон Шаќири, кадар на ДУИ и сопратиец на Рамиз Мерко, голем дел од неговата кариера ја поминал токму на Меѓународниот универзитет во Струга. Оттука, прашање е дали е почитувана политиката на интегритет, односно дали е направено сѐ за да се спречи судир на интереси. Шаќири во 2008 година се запишал на постдипломски студии на Економскиот факултет на Меѓународниот универзитет во Струга, каде во 2010 година со одбрана на магистерскиот труд се стекнал со научен степен магистер по економски науки. Во неговата биографија објавена на веб страницата на Владата, се наведува дека „искуството како предавач на група предмети по економски науки го почнал многу млад“. Но, има и детали кои создаваат забуна. Во приодот кога бил помлад асистент (први септември 2008 година до 12 ноември 2010 година) истовремено станал и раководител на додипломски и последипломски студии на Меѓународниот Универзитет во Струга функција, бидејќи е наведено дека на таа позиција бил од септември 2009 година сѐ до јуни 2018 година.

Овој Универзитет со години беше во центарот на внимание, најчесто поради укажувања од Државниот просветен инспекторат на голем број неправилности, или недозволување на инспекторите да извршат инспекциски надзор, како што се случи во 2018 година. Еден од инспекторите го ослови овој Универзитет како „таканаречен“ и како „пералница за дипломи“, каде меѓу 800 и 900 студенти учат без нострифицирани документи, а истото се однесува и за дел од професорскиот кадар.

Меѓународниот универзитет во Струга се поврзува со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој се наоѓа на црната листа на САД

Според инспекторите, меѓу професорите без валидна диплома бил и градоначалникот на Струга, кој наводно имал докторска диплома добиена на Државниот универзитет во Нови Пазар, но иако не била нострифицирана самиот си доделил научно звање доцент и вонреден професор. Откако еден тим инспектори утврди и алармираше за незаконитости, набрзо беше испратен друг кој утврди дека сѐ е во ред.

Дипломи преку ноќ

Од Коалицијата Вреди вчера преку соопштение обвинија за што се користи Универзитетот.

„Овој Универзитет, познат како „Универзитет на Мерко“, кој го води Арменд Кадриовски, е познат по „производството“ на итни дипломи, како Универзитет каде што низ годините, преку ноќ, дипломирале повеќе од половина од функционерите на ДУИ,  како и многу членови на семејствата на функционери кои потоа се вработиле на  различни работни места (…) Нo, нa бизнисот на ДУИ и Рамиз, кој функционираше во стилот: земи ја ‘картичката’ на ДУИ, купи диплома од Рамиз и работата ти е сигурна, му доаѓа крајот затоа што новата Влада ќе ги истражува сите случаи на продажба на  дипломите и функционирањето на универзитетите како што е Универзитетот „Мерко“, порачаа од Вреди. Оттаму побраа отчет од министерот Шаќири – да ги каже сите причини за одлуката што ја донел.

„Универзитет на Мерко“ е познат по „производството“ на итни дипломи, обвинуваат од Вреди

Четири факултети, два Института

Како што е наведено во универзитетскиот Статут, основач на Меѓународниот Универзитет во Струга и на единиците на Универзитетот е Еуро Колеџ ДОО 2007, Струга. Сместен е во струшката населба Езерски Лозја број 1, а во него состав се Факултетот за економски науки (Маркетинг менаџмент, Финансиски менаџмент, Бизнис администрација 3+2+3), Факултетот за правни науки (Криминалистика и детективи, Јавна администрација и Правосудни студии 3+2+3), Факултетот за информатичка технологија (Информатичка технологија во бизнис, Архитектура и дизајн и Софтверско инжинерство 3+2+3) Факултет за политички науки (Дипломатија и меѓународни односи, Англиски јазик во дипломатија 3+2+3). Во состав на Универзитетот е и Институтот за европјанистика и меѓународна политика и Институтот за Економски развој и Еколошки Менаџмент.

Градоначалникот во четврти мандат, Рамиз Мерко, кој се поврзува со сопственоста на Универзитетот, од лани е на црната листа на САД, поради неговата вмешаност во значителна корупција, мешање во судските и во други јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери на Северна Македонија. На листата на САД се ставени и неговата сопруга и трите полнолетни деца.

„Ова означување ја потврдува посветеноста на САД во борбата против корупција, која што му наштетува на јавниот интерес, го уназадува економскиот напредок на земјите и ги оневозможува владите да одговорат ефективно на потребите на граѓаните“, соопшти тогаш портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close