Кој ги скина сијаличките: Герасимовски ги обвинува ЈП Комунална хигиена, од таму демантираат
Горан Герасимовски, градоначалникот на Општина Центар, синоќа имаше бурна реакција за скинатите сијалички од новогодишното украсување во Град Скопје.
– Град Скопје не само што ги остави скопјани без празнично украсен град за Нова Година, туку сега и го уништува тоа што општината го украси! Камионот на ЈП Комунална Хигиена, под ингеренции на Градот, помина низ Центар, ги искина сијаличките и продолжи како ништо да не се случило, изјави градоначалникот.
Денес, во соопштение до јавноста, ЈП Комунална хигиена вели дека обвинувањата се незасновани и одговорноста ја префрли кај градоначалникот и фирмата која ја го украсуваше градот.
– Камионот на ЈП Комунална хигиена-Скопје кој го подигнува отпадот во општината Центар, не искинал светилки на сообраќајницата во општина Центар, туку тие се поставени под законски утврдениот минимум од 4,7 метри височина. Градоначалникот треба да знае дека истото комунално возило на истата таа траса собира отпад веќе 10 години, возилото е високо 3 метри и никогаш не би имало проблеми доколку каблите што ги поставила општината Центар се монтирани соодветно законски на височина од 4,7 метри, рекоа ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Претпријатието го охрабрува Герасимовски да ја бара одговорноста кај фирмата која од општината зема илјадници евра и при тоа ја загрозува безбедноста на граѓаните во главниот град.