Коалициските партнери на СДСМ ја поддржаа претседателската кандидатура на Пендаровски

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска објави дека традиционалните коалициски партнери на СДСМ ја поддржале кандидатурата на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски за втор претседателски мандат, откако таа вчера беше официјализирана на партискиот конгрес на владејачката партија.

„На денешниот работен состанок на највисоките претставници на партиите од коалицијата предводена од СДСМ јасно е изразена поддршката за неговата кандидатура и заеднички е оценето дека Пендаровски е победнички кандидат со јасна европска визија за иднината на државата“,

 

објави СДСМ по состанокот со традиционалните коалициски партнери.

Партиите од коалицијата се очекува да ја потврдат заедничката согласност за поддршка на претседателската кандидатура на Пендаровски и во своите партиски тела.

Претседателската кандидатура на Пендаровски за втор мандат беше потврдена на вчерашниот конгрес на СДСМ.

Во меѓувреме тој до Државната изборна комисија (ДИК) достави иницијатива за собирање граѓански потписи за својата кандидатура и во рок од еден ден собра близу 22 илјади потписи.

Back to top button
Close