Коцевски: Осомничените од ДЗС целосно ги запоставиле своите надлежности, не само во овој клуб туку и на останатите низ државата
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска на прес конференција информираше за деталите во врска со проширената истрага за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
Тој вели дека во однос на осомничените од Дирекцијата за заштита и спасување, покрај директорот, поведена истрага има за уште три лица на истата функција вклучително и актуелниот директор и генералниот директор во Дирекцијата кој бил на таа функција во тек на целото работење на Клубот.
„Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидена во законот за заштита и спасување, и законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности, не само по однос на овој клуб туку и на останатите угостителски објекти низ државата“, вели Коцевски.
Ниту еднаш низ годините, вели Коцевски, согласно ризиците кои постоеле и морале да ги имаат предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор на објекти кои вршат угостителска дејност.„Со своето неизвршување на должностите , спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот“, вели Коцевски.