Кога делата се поубедливи од зборовите

Зоран Заев е централната фигура во македонската политика во оваа деценија. Околу неговото политичко делување се „врти“ целата македонска приказна за рушењето на претходниот режим на Груевски и спектакуларниот напредок во евро-атлантските интеграции на државата. Тоа е факт што може да ве лути или да ве весели, но не може да се промени. Тоа е зад нас.

Сите други политичари во овој период, во споредба со него се, во историска смисла, епизодисти со помалку важни или многу штетни улоги и заслуги, кои ќе останат како такви запаметени додека се сегашните генерации живи. Потоа, можеби, некои од нив ќе се најдат „обработени“ како политичкиот „декор“ во кој делувал Заев, во специјалистичките историски или политички студии со кои ќе се занимаваат некои идни експерти, многу генерации по нас.

Со ова треба да се научат да живеат сите оние кои го мразат и го потценуваат Заев, навредени што нивното мислење за него нема да ја смени историјата. Дополнителен проблем им е што сите знаеме, а и самиот тој не се обидува тоа да го крие, дека Заев не е никаква совршена личност, без маани и слабости, кои не се веќе опишани во илјада колоритни варијанти и во различни приватни и службени детали. Впрочем, и мојата небитна „историска“ маленкост за таа современа хроника има пишувано во десетици наврати минативе години, често и со иронија и подбив, во обид да се покаже дека токму со тие негови „недоделкани“ карактерни особини и „неизбрусени“ идеолошко-политички вредности, таквиот Заев успеа и храбро и итро да ги издоминира супер-компликуваните општествено-политички околности на сегашната македонска реалност со кои – велам – тој се „запиша“ во историјата. Ви се допаѓало тоа или не.

При тоа, Заев го поседува најсмешниот „култ на личноста“ на овие простори, кога и најсуетни новинари, најкорумпирани бизнисмени и разно-разни политички „шиљокурани“ можат јавно да се мајтапат со неговите „муртински“ несовршености, без страв или срам по сопствениот статус. Треба да се потсетиме дека за потребите на еден друг „култ на личноста“, не така одамна пред Заев, се подметнуваа бомби под автомобили и се малтретираа цели семејства, до намери за ендек-истребувања. Овдека, дури, постои и одреден политички револт против Заев во јавноста што токму таквите денеска „мува не ги лази“!

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close