Кога сите се против нас

„Ништо повеќе не ја зближува една мала нација како што е чувството дека сите се против неа“. Пред патриотските партиски ботови да почнат да ме пцујат со редовната порција навреди поради оваа констатација за зближувањето на една мала нација, бидејќи по нивниот терк ние сме голема нација, со славно минато, против која е безмалку сиот свет, да кажам дека не згрешиле што во тоа ја препознале Македонија, иако авторот на овој цитат е Бугарин и ја напишал за Бугарија пред повеќе години.

Познатиот бугарски писател Георги Господинов, чии дела се преведени и на македонски јазик, во својот чудесен роман со светска слава „Физика на тагата“, со извонредна смисла за хумор и прекрасна литерарна иронија за официјалната историја на Бугарија од осумдесетите години на минатиот век, ќе напише: „Во 1981-та Бугарија полни илјада и триста години. Две години едно по друго гледаме стада со галопирачки Прабугари и орди на Словени, сокриени по мочуриштата, кои дишат преку шупливите трски како низ цевка за дишење. Секој има роднина или пријател кој е изнајмен за масовните сцени во историските киноепопеи. Се раскажуваат легенди за Прабугарите со електрични часовници кои невнимавајќи се појавиле во некој кадар. Во тоа време електронските часовници беа хит, за среќа на Виетнамците од кои ги купувавме на црно, не можеш туку така да ги извадиш и да го зафрлиш некаде. Во одредена смисла, 1.300 годишнината помина како филмска премиера. Реалните случувања, тие за кои се подготвувавме, се случија во 1981 година. И долго траеја. Али Агџа пукаше на Папата. Бугарија е вмешана и ние ќе седиме пред телевизор. Ништо повеќе не ја зближува една мала нација како што е чувството дека сите се против неа.“

 

Што ќе правиме кога ќе нема виновници 

Со извинување до Господинов за оваа мала употреба на неговото ремек дело, ама Бугарите и нивната историја се далеку потазе од нашето славно минато. Што се само 1.300 години од Прабугарите и словенските хорди во официјалната историја на едноумието. Ние во безумието во 21 век докажавме дека сме постари најмалку 2.300 години пред нив. А, според најновите сознанија до кои дојдоа нашите научници за производство на пославно минато се работи за повеќе од 10.000 години пред нашата ера. Во сѐ уште недовршената демократска научна полемика излегоа нови докази дека веројатно и таа бројка не е баш најточна бидејќи македонскиот палеолит и неолит се уште постари.

Не бадијала повеќе од 40 пати Македонија и Македонците се спомнати и во Библијата. Имавме и документарен филм, без електронски часовници на рацете, дека и Господ е Македонец, а Свети Павле бил во Паљурци. Таму уште стои таинствениот бунар. Успеваме да докажеме дека македонскиот јазик е татко на сите јазици. Словенските хорди, како што ги нарекува Господинов, голем дел од тој јазик преземале од Македонците, па затоа денес сите словенски народи имаат јазични сличности.

Скапо ја плативме оваа инстант, направи сам историја, сѐ уште ја плаќаме вчудоневидени што се инфициравме од вирусот на антикоманија, бетер од Ковид, поради што цела Европа и безмалку целиот свет се сврте протв нас, иако Александар Македонски со македонските фаланги, кои уште можете да ги видите во живо на спортските натпревари и на партиските патриотски митинзи, го освоија светот и го оплеменија и цивилизираа.

Оживеаната антика со споменици на Александар Македонски и татко му, кралот Филип, се највисоки на светот, и редица други антички јунаци со преименување на улиците го одложивме членството во ЕУ цели 25 години. Толку траеше, само две и пол децении, зближувањето на големата нација. Кога нашите велепредавници се откажаа од тоа славно минато станавме членка на НАТО. Каква страшна загуба претрпевме, ја продадовме антиката за бадијала. Голема работа НАТО, па и така ќе нѐ молеа да влеземе во тој злосторнички сојуз.

Сега, кога од сите страни ни се прават неправди, сме повторно зближени. Во најдобар случај ќе ни требаат уште 25 години кога ќе го уништиме и последниот домашен предавник и кога Европа и светот ќе сфатат дека не прифаќаме ничиј диктат. Останува уште да најдеме одговор што ќе биде со нашиот патриотизам кога повеќе ќе нема виновници. Сега сме во претпоследната фаза на опстанок, кога ги обезвреднуваме сите аргументи дека припаѓањето на Европа и на ЕУ е нашиот излез од лавиринтот на античката митологија и од „најромантичниот дел на бугарската историја.“ Што повеќе аргументи имаме за тоа, толку полошо по аргументите.

 

Ако кренат раце од нас

Ја сакаме историјата и славното ни минато, ама од тоа ништо не научивме. Таа редовно ни се повторува како фарса. Не можеме да ја совладаме основната лекција за потрошените историски модели. Секој успех на приближување кон Европа го претворивме во неуспех, во велепредавства. Компромисите станаа превисока цена, а изолацијата и сиромаштвото се национална гордост и достоинство. Примитивизмот го одржуваме на високо ниво како најдобро тесто за месење на јавноста и за манипулации да се освојува власта.

Сите сме за членство во ЕУ, немаме проблем тие што се чувствуваат како Бугари да влезат во Уставот, не сме повеќе против Преспанскиот договор со Грција, ниту против Договорот за добрососедство со Бугарија, ама ни требаат гаранции дека ќе нема веќе условувања. Нејасно е за какви гаранции и условувања станува збор. Дали само на Бугарија и за кои прашања, или на сите земји членки на ЕУ. Тогаш, што правиме со реформите кои ги опфаќаат преговорите со ЕУ на кои можат да се стават стотици вета, почнувајќи од владеење на правото, организираниот криминал и високата корупција и уште повеќе десетици клучни реформи на кои, ако не се успешни, секоја земја членка на ЕУ може да стави вето. Дали бараме гаранции за влез во ЕУ без успешни реформи? Кога ќе почне спроведувањето на реформите ако не почнат преговорите? Можеме ли да ги спроведеме сами по 33 годни неуспешни обиди? Колкава е цената што ја плаќаме што пред 25 години не станавме членка на ЕУ, кога немаше потреба да го менуваме уставното име Република Македонија и немаше да го имаме наметнатиот проблем со Бугарија? Дали и по 25 години името БЈРМ само за надворешна употреба како редовна членка на НАТО и на ЕУ ќе опстоеше во употреба и ден-денес како будалаштина на наметнато име на непостоечка држава?

Одговорот на овие прашања станува познат со секоја следна неправда која е поголема од претходната. Што мислите што ќе се случи во трауматична партизирана држава ако денес се стават уставните измени на дневен ред во Собранието без ничиј дикат и се усвојат со 114 гласа „ЗА“? Нема да се случи ама баш ништо, освен што ВМРО-ДПМНЕ на следните комунални избори ќе изгуби три градоначалнички места и ќе продолжат преговорите со ЕУ. Повеќе сум на мислење дека токму од спроведувањето на реформите некој има уплав и затоа бара гаранции кои никој не може да ги даде. Реформите не се спроведуваат со патриотизам, туку со знаење и со финансиска и стручна помош.

Нашата последна станица на празниот перон ќе биде кога Европа и светот ќе ги кренат рацете од нас. Тогаш, поради неправдата, ептен ќе се зближиме како еден.(dw)

Ерол Ризаов

Back to top button
Close