Пишува: Теофил Блажевски
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ искомуницира со јавноста со соопштение во кое може да се препознае спин:
Спин: Филипче е марионета на Заев во СДС кој не нуди ништо ново на политичката сцена туку континуитет на погубните политики, предавства, афери и скандали
Во СДС ништо не се менува, Филипче и новите кадри се продолжена рака на Заев.
Филипче е лојален на Заев, ги поддржува и е дел од сите предавства, скандали и криминали на претходното раководство.
Филипче не се откажува од Заев а со тоа не се откажува ниту од криминалите кој тој ги правел во РЕК Битола, ЕСМ и предавствата со Бугарија.
Филипче не се откажува од Заев и старите политики и афери како издавањето на над 200 пасоши на белосветски криминалци, како и од рекетот и криминалот во фирмите кои ги правеле.
Филипче не се откажува од Заев затоа што тој верно го следи Заев и сака да биде како Заев.
Филипче е бледа копија на Заев. Заев е тој што раководи со СДС од далечина, додека се рашетува по Дубаи и светот со парите спечалени на грбот на македонскиот народ.
Филипче и тимот на СДС не нудат ништо ново на политичката сцена. Дека тимот на Филипче не е ништо поразличен и е континуитет со политиките на Заев знаат и членовите на СДС, а тоа се гледа и во кадровската криза и проблемите во екипирањето.
Во раководството на СДС на важни позиции има личности кои што немаат ниту ден партиски стаж и коишто се јавно непознати, но се верни слуги на Филипче и Заев.
Нема јака опозиција сo вакви репрезенти кои се континуитет на погубните политики на Заев.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб; датум: 04.12.2024]
Контраспин: Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ може да има изградено партиски став за другите политичари и политички партии во земјата, но ако ставот е изграден врз извртување на вистината, т.е. спинови, тогаш станува збор за извесна манипулација со јавноста, како во случајот со соопштението наведено погоре.
Намерно е оставено целото соопштение во текстот, бидејќи во речиси секој пасус има спин.
Како на пример во првиот, дека е марионета на Заев, (нешто за што не може да се дебатира ако не сте во кожата на двајцата), ама бил марионета затоа што „не нудел ништо ново на политичката сцена“, туку само „континуитет на погубните политики, предавства, афери и скандали“.
Слични ставови има и во следните три пасуси, каде што се наведуваат криминалите (на Заев-н.з.) во РЕК, ЕСМ и предавствата со Бугарија, па повторно рекетот и криминалот во фирмите кои ги правеле (Заев и Филипче – н.з.), а не се откажувал (Филипче) ни од старите политики и афери како издавањето на 200 пасоши на белосветски криминалци.
И така, речиси до крај, со тоа што во последните два-три пасуси вниманието партијата го врти кон членството во СДСМ, кое знаело дека новите луѓе на високи важни позиции без ден партиски стаж, се само резултат на таквиот Филипче, кој е марионета на Заев.
Прво, Венко Филипче е избран не толку одамна како решение по тешкиот пораз на СДСМ на претходните парламентарни избори. Низ процес, кој беше проследен и со скандали во партијата околу самиот избор. Раководството беше заокружено неодамна на продолжението на конгресот по изборите, при што во Централниот и во Извршниот одбор влегоа и нови луѓе, вклучувајќи ги и заменик претседателката и потпретседателите, како и генералниот секретар. Дали Филипче и новото раководство на опозициската партија ќе понудат нова или поинаква политика од онаа што СДСМ ја водеше во опозиција е сè уште рано да се мери на јавна сцена, иако анализи може да се прават за одредени специфични прашања. И затоа тој дел од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, каде партијата се занимава со „новото на политичката сцена“, е извртување на јавноста, т.е. спин.
Вториот спин се однесува на криминалите. За Венко Филипче особено од сегашната владејачка партија кога беше опозиција, често во јавноста се пуштаа тврдења за криминал при набавка на вакцините за време на ковид кризата, за манипулации при набавка на лекови за потребите на јавното здравство, како и за тендерот со „Брако“ за изградба на модуларните болници, при што во тетовската во несреќен случај за многу кратко време загинаа 14 луѓе.
Но, сите овие и многу други тврдења за криминалите на Филипче, како што се и овие споменати во ова соопштение (РЕК, ЕСМ, рекетирање на фирми, издавање на 200 пасоши, итн), се извртување на вистината, т.е. спин, сè додека не се понудат во јавноста сериозни индиции, кои би воделе до предистраги, истраги или обвинителни акти. Засега, единствена сериозна индиција дека е „штимана“ процедурата околу тендерот за модуларните болници, понуди само еден медиум (ИРЛ), но и во тој случај (дел од истрагата за пожарот во тетовската болница), правосудството го затвори случајот со други обвинети и осудени. Сè друго што се споменувало и се споменува од јавноста, вклучувајќи ги и сега споменатите тврдења во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, е и ќе биде спин, додека, да повториме, не се понудат сериозни аргументи во спротивното. А тие, во моментов, може да ги обезбедат од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се владејачка партија. Без оглед дури и при евентуални „опструкции“ во обвинителството или судството, за кои често говорат.
Поради погоре споменатите аргументи, јавната комуникација на ВМРО-ДПМНЕ преку посоченото соопштение, во двата појаснети елементи погоре, може да се оцени како спин.