Копнежот, тајната на времето и заминатите

Имаше години кога по секоја подолга посета кај мојата фамилија во Скопје, се враќав дома со тешка настинка, која се јавуваше ненадејно, како од никаде. Денес верувам дека тоа не беше затоа што немав отпорност за вирусите на грипот во Македонија, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Да беше така, логично би било да се разболев веднаш штом стигнев во Скопје. Напротив, се разболував пред денот на разделбата од мојата фамилија, а „настинката” стануваше сè посилна со секој час поминат на аеродромот и во авионот, со кој се враќав во мојата нова татковина, Германија. На ова искуство ме потсети пораката на една германска пријателка, која пред два дена се врати од подолгата посета на својата фамилија во Јапонија.

И таа веруваше, како јас некогаш, дека случајно добила слаба настинка токму на крајот на посетата, која станала полоша на долгиот лет од едниот крај на Земјината топка до другиот, со престојување на неколку светски аеродроми. Затоа кога се вратила дома, два дена поминала во кревет. И јас некогаш поминував два дена „болна” во кревет. Со времето сфатив дека тие два дена „болест”, токму на временскиот преод од едниот во другиот свет во мојата биографија, беа најлечебната терапија за болката на заминатите.

„Настинката” на пријателката ми потврди дека причината за неа не е неотпорноста за вирусите во друга земја.

Силата на копнежот

Повеќе верувам дека таа помага полесно да се „преболи” болката на разделбата од својата фамилија во друга земја или на другиот крај на светот. И тоа според мистичниот механизам на справувањето на човечката психа со силната болка, кој Франц Кафка го опишува толку сликовито во едно писмо до Милена Јесенска, жената која многу ја љубел. Тој ѝ објаснува зошто добил туберкулоза. Кога „главата” не може да го издржи притисокот на животот, пишува Кафка, тогаш еден друг орган помага да се носи тешкиот товар.

Тој орган кај него биле белите дробови. Кај заминатите, кај преселниците, тој чувствен „товар” е тагата по тие што не се секогаш со нив. Затоа овие чудни „настинки” по разделбите ги познаваат само тие кои живеат далеку од земјата во која се родиле и пораснале. Притоа веројатно и роднините што ги оставаме по посетата, враќајќи се во оној дел на светот, во кој сме заминале и сме основале своја фамилија, по разделбата веројатно неколку дена боледуваат од истата „настинка”. Лично станав малку „поотпорна” на вирусот на разделбата кога почнав во последните денови кај моите во Скопје повеќе да мислам на тоа како ќе биде кога по неколку месеци ќе дојдам повторно на посета, отколку да жалам што времето толку брзо помина.

Што значи, почнав да се учам да не „гледам назад”, во тоа што измина, туку „да гледам напред”, во тоа што претстои. И да копнеам по него!

Затоа што мислам дека чудниот „вирус” што ја предизвикува таа посебна „настинка” кај некои многу сензибилни луѓе меѓу преселниците и заминатите, е токму силата на човечкиот копнеж. Во природата на човечкиот копнеж е тоа што тој не ја прифаќа разделбата. Копнежот, всушност, со тоа се противи на времето, иако ние луѓето сме суштества времени, зашто ја знаеме конечноста. Чудно е што конечноста не ја познава копнежот, најсилното чувство за кое е способен човекот. Копнежот се смирува само кога ни се чини дека времето престанува да тече.

 

Back to top button
Close