Короната ги разголи модните брендови! Како поминаа „Ваикики“, „Зара“, Том Тејлор“, „Пјер Карден“, „Лакоста“, „Њујоркер“ и другите на македонскиот пазар?

Речиси сите увозници на облека произведена од реномирани глобални бренд-производители лани биле на работ на рентабилноста или во позитивна нула. Заеднички им се , со само еден исклучок, големи падови на профитот проследени со значајни намалувања на продажбата

Корона кризата беше немилосрдна кон модните брендови! Податоците на дистрибутерите, сопствениците на франшизи, подружниците на големите модни компании во Македонија лани покажуваат големи падови во продажбата. Нивните приходи се огледало на тоа како корона кризата влијаеше врз нашата национална економија во годината во која заради бројните ограничувања грашаните го купуваа само најнеопходното. Немаше свадби, веселби, излегувања, матурски прослави…. Сето тоа многу лошо влијаеше вр малопродажбата. Значајно се погодени продавачите на реномираните светски модни компании меѓу кои присутни на нашиот пазар се: „Зара“, „Ваикики“, Њујоркер“, „Котон“, Томи Хилфигер“, „Поло Ралф Лорен“, „Гант“, „Келвин Клајн“ и многу други.

Најголем продавач на домашниот пазар лани е „Ваикики Ретаил МК“. Оваа турска компанија лани изгуби 10 отсто од приходот во споредба со претходната година и годината ја заврши со приход од 26,8 милиони евра. Добивката лани е за 73 отсто пониска од 2019 година и изнесува 631.000 евра.

„ИТХР Македонија“ е македонската филијала на реномираниот глобален продавач на облека „Зара“. Лани ова друштво на домашниот пазар пласирало облека во вредност од 15,7 милиони евра што е за 28 отсто послабо од претходната година. Профитот е преполовен, лани изнесува 1,46 милиони евра. И со тој резултат оваа модна компанија е најпрофитабилна во конкуренција на другите модни брендови на македонскиот пазар.

„Њујоркер“ филијала на респективниот глобален производител на облека „Њујоркер Ретаил Интершенл“ лани кај нас продал облека вредна 3,26 милиони евра што е за 24 отсто послабо од 2019 година. Добивката на друштвото е 424.000 евра и бележи пад од 45 отсто во однос на претходната година.

Претставникот на „Пјер Карден“ е скопската компанија Нени Компани. Ова друштво лани оствари приход од 1,9 милиони евра што е за 22 отсто послабо од 2019 година. Добивката бележи вртоглав пад и изнесува само 4.500 евра што е за 98 отсто помалку од 2019 година.

ЦМ Делта е скопска компанија која обединува продажба на повеќе глобални брендови облека меѓу кои се : „Лакоста“, „Гант“, „Поло Ралф Лорен“, „Томи Хилфигер“, „Келвин Клајн“, ОБЦ Кидс“ и други. Лани ова друштво заврши со профит од 1.800 евра што е за 96 отсто послабо од претходната споредбена година. Приходот на друштвото изнесувал 2,26 милиони евра.

Слично помина и друштвото „Магнетик“ кое оперира со бројни брендови од модната индустрија на македонскиот пазар. Приходот на друштвото лани изнесува 4,5 милиони евра и е за 10 отсто понизок од претходната година, но добивката книжи пад од 99,5 отсто и изнесува 360 евра.

„Том Тејлор“ македонска филијала на истоимениот американски моден бренд лани на нашиот пазар има приход од 1,3 милиони евра што е за 20 отсто помалку од претходната година. Добивката е намалена за 20 отсто и изнесува 208.000 евра.

Турскиот премиум производител на текстил Котон Магазаџилик лани има приход од 3,1 милиони евра што е за 10 отсто послабо, а годината ја завршил со загуба од 36.000 евра.

МГ Фешн компанијата што управува со брендот „Фешн Груп“ лани оствари приходи од 3,8 милиони евра и тие се за 14 отсто помали од 2019 година. Добивката пак пораснала за 77 отсто до износ од 126.000 евра.

 

извор: ФАКТОР

Back to top button
Close