Европа ја очекува нов силен топлотен бран: Температурите ќе достигнат и до 45 степени
Европа на преминот меѓу јули и август ја очекува нов силен топлотен бран, кој според прогнозите на „Severe Weather Europe“ ќе донесе екстремно високи температури, особено во западниот, централниот и јужниот дел од континентот.

Метеоролозите предупредуваат дека над голем дел од Европа ќе се формира таканаречена „топлотна купола“, атмосферски феномен што го задржува жешкиот воздух над истото подрачје со денови, што дополнително ги зголемува температурите.
Најпрво, најсилниот удар на горештините ќе го почувствуваат Шпанија, Португалија и Франција, каде што температурите кон крајот на јули и почетокот на август на повеќе места би можеле да надминат 40 Целзиусови степени, а локално да достигнат и до 45 степени.
Потоа, топлиот воздушен бран ќе се прошири кон централна Европа, Италија, Унгарија и северниот дел на Балканот.
Според прогнозите, температури повисоки од 40 степени се очекуваат и во долината на реката По во Италија, Тоскана, делови од Словенија, источна Хрватска, северна Босна и Херцеговина, северна и централна Србија, поголем дел од Унгарија и западна Романија.
Во останатиот дел од Балканот, температурите главно ќе се движат меѓу 35 и 39 степени, што исто така претставува сериозен ризик за постарите лица, хронично болните, децата и луѓето кои работат на отворено.
Покрај екстремните температури, се очекува и многу сув воздух, при што влажноста на некои места ќе падне под 20 проценти. Таквите услови значително ја зголемуваат опасноста од брзо ширење на шумски пожари, особено во јужна Франција и Шпанија, а ризикот постепено ќе се прошири кон Италија, Алпите и Балканот.
Метеоролозите предупредуваат и на појава на тропски ноќи, кога температурите нема да се намалуваат доволно за организмот и објектите да се разладат, што дополнително ќе го зголеми здравствениот ризик.
Според сегашните прогнози, овој атмосферски систем би можел да се задржи над Европа речиси две недели, носејќи долготрајни горештини и зголемена опасност од пожари во повеќе земји. објави Скопје1.мк






