(ВИДЕО) 17-годишната Биљана пријавувала закани, но не била заштитена – протест во Скопје против насилството врз жените
Во Скопје денеска се одржува протест против фемицидите и институционалната неодговорност, поттикнат од фемицидот на 17-годишната Биљана Киреќ од Богданци. Под мотото „Не бараме сочувство, бараме одговорност“, граѓаните бараат правда за девојката и конкретни мерки за спречување на насилството врз жените.

Протестот е закажан за 12 часот во паркот „Жена борец“, од каде што учесниците ќе маршираат покрај Собранието и Министерството за правда, а собирот ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Организаторите од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ бараат темелна и транспарентна истрага за убиството, утврдување одговорност за евентуалните институционални пропусти и итно усвојување на законските измени што треба да обезбедат поголема заштита на жените од насилство. Меѓу нивните барања се и враќање на поимот род во законите и јавните политики, како и одговорност за функционерите кои го оправдуваат или релативизираат насилството.
Случајот со Биљана предизвика силни реакции во јавноста, особено по информациите дека девојката (како и претходните жртви на фемициди) претходно во повеќе наврати пријавувала закани по живот. Иако биле преземени одредени мерки, меѓу кои повикување на пријавеното лице во полициска станица и изработка на безбедносен план, убиството не било спречено.
По убиството е спроведен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи во Гевгелија, кој треба да утврди дали надлежните служби постапувале навремено и во согласност со своите законски обврски. Наодите од надзорот се очекува да бидат објавени во наредните денови.
Протестот во главниот град следува по граѓанскиот собир што во петокот се одржа во Богданци, каде што жителите побараа правда за Биљана и одговори за тоа дали нејзиното убиство можело да биде спречено.
Загрижувачки се и податоците за семејното насилство во земјава. Според изнесените статистики, од почетокот на годинава до септември седум жени биле убиени од партнери или членови на семејството. Во истиот период биле регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство и околу 4.000 поплаки. Од вкупно 1.388 пријавени сторители, 1.278 биле мажи.
Минатата година, пак, биле евидентирани 4.745 пријави од жени жртви на семејно насилство.
Со денешниот протест, организаторите испраќаат порака дека насилството врз жените не смее да остане само статистика, а институционалните пропусти не смеат да поминуваат без одговорност.






