Кос предупредува: Западен Балкан може да изгуби 750 милиони евра од Планот за раст
Еврокомесарката за проширување Марта Кос испрати писмо до лидерите на земјите од Западен Балкан, во кое предупредува дека регионот може да изгуби вкупно до 750 милиони евра од Планот за раст доколку не се забрзаат реформите, јавуваат регионалните медиуми.

– Минатата недела им пишав на властите во регионот да ги забрзаат реформите, во спротивно нивните граѓани ќе изгубат многу. Планот за раст е строго заснован на акција и има временско ограничување. Во моментов, над 700 милиони евра се во опасност трајно да бидат изгубени доколку реформите не бидат завршени до јуни или до декември 2026 година – изјави вчера Кос пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, а пренесе црногорската телевизија РТЦГ.
Планот за раст предвидува вкупно шест милијарди евра за државите по спроведувањето на одредени реформи, при што на секои шест месеци се прави преглед на напредокот. Доколку некоја земја не ја исполни реформата во предвидениот рок, добива грејс-период од една година пред парите да бидат неповратно изгубени.Албанија, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора своите реформски агенди ги испратија навреме и требаше да ги усвојат до јуни 2025 година, што значи дека претстојниот јуни истекува грејс-периодот за средствата поврзани со тие реформи.
Според податоците на РТЦГ, Северна Македонија ризикува да изгуби 49,2 милиони евра. Албанија е под ризик за 67,7 милиони, Црна Гора за 15,1 милион, Косово за 68,8 милиони, додека Србија може да изгуби меѓу 109,7 и 135,9 милиони евра
Српските медиуми дополнуваат дека Србија е под закана да ги изгуби сите предвидени 1,5 милијарди евра. Како главна причина се наведува застојот во реформите, но и контроверзниот закон со кој се ограничува судењето на поранешни министри инволвирани во случајот со падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад пред две години, кога загинаа 16 лица. Како одговор на притисокот од ЕУ и најавеното гласање за недоверба на владата, српските власти деновиве итно ги активираа законските измени од европската агенда.
Најкритична е ситуацијата во Босна и Херцеговина, која сè уште не ја отклучила ниту првата транша од 63 милиони евра бидејќи политичарите не можат да се договорат за координатор. БиХ ризикува да изгуби вкупно 373,9 милиони евра до крајот на годината, а поради претстојните избори, тешко е дека ќе ги исполни потребните 50 реформи.
По изјавата на европската комесарка за проширување Марта Кос дека БиХ може да изгуби 373 милиони евра, се огласи и шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Луиџи Сорека, нагласувајќи ја важноста на пораките од Брисел.
„БиХ ризикува губење до 373,9 милиони евра што ѝ се доделени во рамки на Планот за раст, доколку не се преземат итни мерки за исполнување на чекорите од Реформската агенда и напредок на патот кон ЕУ. Ова е дополнително на 108 милиони евра изгубени во 2025 година“, напиша Сорека на платформата Икс.
Тој потсети дека Кос во неодамнешен разговор укажала на „длабока геополитичка промена што ја прави политиката на проширување клучно прашање“, но и дека не може да има компромиси кога станува збор за високите стандарди на реформите.
„Босна и Херцеговина и натаму има значителен неискористен потенцијал. ЕУ нуди конкретна поддршка преку Планот за раст, што може значително да помогне во трансформацијата на земјата и зајакнување на демократските институции, инвестициите и просперитетот“, истакна Сорека.
Тој додаде дека властите во БиХ во последниот период не постигнале напредок во усвојувањето на реформските чекори, кои, меѓу другото, треба да ја подобрат дигитализацијата, да ги намалат административните процедури, да го реформираат правосудниот систем и да придонесат за зелена транзиција.
“Реформската агенда не е збир на апстрактни технократски мерки, туку план за подобра иднина“, нагласи Сорека.
Според него, Планот за раст, кој предвидува речиси една милијарда евра за БиХ во замена за реформи, е заснован на резултати и јасни рокови.
„Постои цена за неактивноста. Комесарката Кос веќе ги предупреди властите за ризиците од одложувањата. Сега е итно да се дејствува за да се избегне губење на средствата доделени во корист на граѓаните. Времето истекува“, порача Сорека.






