Кос: Проширувањето на ЕУ треба да е темелено на заслуги, а не на временска рамка
Проширувањето на Европската унија е процес заснован на заслуги, а не на временска рамка, рече Марта Кос, еврокомесар за проширување, во дискусијата „Прошири за напредување: Дали Европа ќе расте? на Светскиот економски форум во Давос.
-Понекогаш слушам: земјите од Западен Балкан чекаат толку долго. Не се работи за тоа колку долго чекаат. Прашање е на нивната политичка волја и колку се способни да исполнат, посочи Кос.
Според неа, Европската унија внимателно следи што се случува во земјите кандидати за членство и тие се генерално обврзани да исполнат одредени услови по принципот „земи или остави“.
-Жал ми е што го кажувам тоа толку отворено, рече Кос, додавајќи дека сега не постои можност да се преговара за фундаментална вредност што е важна за ЕУ.
Таа ја истакна важноста на владеењето на правото за земјите кои сакаат да влезат во Европската унија.
-Има некои земји во Европската унија кои не го почитуваат владеењето на правото и кај многу членки видовме страв дека тоа може да и наштети на ЕУ во смисла дека не смееме да пуштиме ниту една земја која не е 100 проценти подготвена за влез во Унијата, не само од аспект на економијата, додаде Кос.
Како што наведе таа, економската и геополитичката ситуација во светот е променета откако Хрватска влезе во Европската унија во 2013 година, како последна земја што го направи тоа, а сега многу поголем акцент се става на вредностите и владеењето на правото, што е рефлектирана во новата методологија за кандидати од 2020 година.
Не само што кандидатите мора да бидат подготвени за Европската унија, туку и ЕУ мора да биде подготвена за нив, што е огромна промена од времето кога Словенија влезе во Европската унија во 2004 година.
-Со оваа рунда од процесот на проширување или пристапување некако се враќаме на основите, на корените – затоа е основана Европската Унија, а основните принципи се мирот, слободата и просперитетот, како и безбедноста, што е многу важно денес, изјави Кос